Битиќи: Тврдам дека нашата понуда е подобра од таа на ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Б. Грданоски

„ Со сигурност тврдам дека тоа што го нудиме на овие избори е далеку подобро од целата политичка програма на опозицијата и на ВМРО-ДПМНЕ  затоа што ако ја гледате парламентарната кампања во суштина нема понуда за граѓаните туку празни зборови. Една единствена е понудата, дали во албанскиот спектар, дали во македонскиот, а тоа е кој ќе биде поголем националист. На граѓаните им е сосема јасно дека квалитетот на животот не се подобрува со национализам туку со патриотизам, додека патриотизам се покажува со дела, а не со празни зборови. На 8 мај ќе победат граѓаните затоа што ќе се изборат за подобар квалитет на живот, за подобра понуда“,  рече Фатмир Битиќи вицепремиерот за економски прашања и кандидат за пратеник во втората изборна единица во интервју за „Слободен печат“.

Тој додаде дека ако се споредат програмите на опозициските политички партии, јасно е дека нивната програма е штура и недоволно прецизна.

„Викаат, ќе видиме кога ќе дојдеме на власт што ќе правиме. Деновиве слушнав изјава дека можеби ќе сме ги ископирале од СДСМ и затоа не ги покажувале моделите. Не, драги мои сограѓани, они не знаат како треба да се направи. Ги прашуваат како треба да се направи, како ќе го спроведат едно од ветувањата, немаат многу ветувања и можеш многу лесно да ја прочиташ нивната програма во едно читање. Едно од ветувањата е покачување на пензијата од 5.000 денари, линеарно зголемување. Сите економисти буквално опозициски или позициски настроени се плашат од едно такво ветување. Како тоа ќе го направите? Ќе видиме кога ќе дојдеме на власт“, вели Битиќи.

Тој додаде дека се радува што е претставник на политичка партија којашто стана партија на исполнување на ветувањата наспроти партија којашто беше позната со спроведуваме на работите, а сега станала партија на „ќе“.

„Ги сменивме улогите, ВМРО-ДПМНЕ е партија на „ќе“, ќе продолжи веројатно да им кажува на граѓаните ќе видиме што и како кога ќе дојдеме на власт“, заклучи Битиќи.

Тој додаде дека СДСМ во програмата нуди 7 столба.

„Првиот столб е новата економска енергија за европски раст и стандард на граѓаните и овде зборуваме каква ќе биде нашата економија и како ќе се подобри животниот стандард на нашите граѓани. Нашето ветување е дека до 2028 година минималната плата ќе биде 600 евра. Просечната плата илјада и сто евра, што не прави се уште да сме конкурентни но да се живее многу подобро од денеска. Ако ја видите понудата од другата страна, тие викаат ќе оставиме да видиме дали ќе има природен раст. Знаеме до 2016 каков беше природниот раст, природен раст продуцира минимална плата до 9.000 денари и просечна плата до 20.000 денари. Кај нас природниот раст плус бустирање плус добро предвидливо опкружување за стопанството и економијата продуцира денеска просечна плата од 40.000 денари и минимална од 22.500 денари“, заклучи Битиќи.

Паралено, во видео пораката на Битиќи и дел од кандидатите  за пратеници на Коалицијата за европска иднина во ИЕ2  тој порача дека имаме избирачки процес кој доликува на една европска и демократска државата.

„На избирачките места не ве принудувавме да климате со главата. Кога на ВМРО ДПМНЕ идеалот им беше од типот на ‘човечињата идаат и гласаат и ќутат’ – имавте можност својот глас да го дадете без страв и уцени. Слободно“,  се порачува во видеото.

„Демократијата не напредува во молк и согласување, со уцени и закани, таа бара дијалог, со вас, граѓаните.  Затоа и ве слушаме, ги прифаќаме критиките, се поправаме.  Ние сме партија која работи и греши, но и се поправа, а за тоа имаме јасен план и програма. А тоа нема сами да го направиме, во коалиција сме со вас за да ги одбраниме нашите европски вредности и нема да се откажеме од борбата за напредна и прогресивна Македонија“, се вели во видео обраќањето на Битиќи  со дел од кандидатите  во ИЕ 2.