Битиќи и Петров се запознаа со израелските технологии во земјоделството

Примената на новите технологии во земјоделството, но и во останатите сектори, може да донесат повисока продуктивност, конкурентност и создавање додадена вредност, што би било дополнителен импулс за зголемување на меѓусебната размена, истакнаа вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, на средбата со министерот за земјоделство и рурален развој, Одед Форер.
Битиќи нагласи дека постои голем потенцијал за зголемување на меѓусебната трговска размена во повеќе сектори и притоа изрази очекување за помош од Израел во пренесување искутва и знаења за примена на современи и модерни технологии за развој на земјоделството, еден од секторите во кои, како беше истакнато, може да се интензивира соработката.
На средбата реализирана во рамки на работната посета на Израел, вицепремиерот Битиќи го честиташе формирањето на новата Влада на Израел и му посака многу успех на министерот Форер на новата позиција, при што нагласи дека се надева дека ќе се продлабочува економската соработка меѓу двете земји.
Битиќи и Петров, за време на првиот ден од работната посета на Израел, беа на Азриели инжинерскиот колеџ (Azrieli College of Engineering) во Ерусалим, како и на Атобе Акцелераторот (AtoBe Accelerator) формиран во рамки на Универзитетот и важи за еден од најдобрите центри за истражување и развој во земјата. За време на средбите со претставниците на универзитетот Азриели и бизнис акцелераторот Атобе, вицепремиерот и директорот се информираа за активностите кои се спроведуваат во овие институции и разменија искуства за креирање на можности за поддршка на старт-ап компаниите и унапредување на бизнис климата за стимулирање на иновации.