Битиќи: Државата е на крстопат, секој глас е важен


 

„Ви се обраќам со длабоко чувство за важноста на двојните избори во среда. Државата ни е на крстопат, одлуката која ќе ја донесеме ќе ја обликува судбината на Македонија во годините што доаѓаат.  Вашиот глас нема да биде само исполнување на граѓанска должност, туку и влог во наследството кое ќе го оставиме“, вели во видео обраќање Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и коносител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборната единица 2.

Тој истакнува дека секој глас е скапоцен, притоа посочувајќи дека избори може да се добијат или изгубат со мали разлики, но со големи последици.

„Затоа секој од вас е важен за да продолжиме по нашиот пат кон Европската унија. Да не дозволиме да отстапиме од тоа што седум години го градиме заедно и внимателно. Вашата желба за европски стандард и квалитет на живот е најважна, а тоа може да го исполниме со заокружување на бројот 1“, вели Битиќи.

Потпретседателот на СДСМ и кандидат за пратеник, Битиќи, потсетува дека пред седум години излеговме од сенките на поделеноста и заробената држава, притоа предупредувајќи дека „национализмот и изолацијата повторно демнат на нашиот праг. Секој од нас сноси одговорност, никој не е изоставен. Без разлика дали сте земјоделци, учители, доктори или студенти – вашиот глас е важен. Затоа на 8 мај излезете на гласачките места и дадете го својот глас за СДСМ и коалицијата ‘За европска иднина’, изберете го напредокот“, порачува Фатмир Битиќи.