Без организиран дочек на Нова година во Нови Сад
Градот Нови Сад нема да организира дочек на Новата година ниту на Стара нова година, од почит кон жртвите од трагичната несреќа на Железничката станица во Нови Сад, каде што загинаа 14 лица, а три се тешко повредени.
Според соопштението од Градската управа, одлуката ја донел градоначалникот Милан Ѓуриќ. Тој изјави дека, од почит кон жртвите и сочувство со нивните семејства, градот се откажува од големите прослави, нагласувајќи дека солидарноста и заедништвото се најважни во овие тешки моменти.
„Градот ќе направи сè за да им помогне на семејствата на загинатите и повредените, обезбедувајќи им целосна поддршка и помош. Одговорните за овој трагичен настан ќе сносат целосна кривична одговорност согласно законите“, истакна Ѓуриќ.
Инаку, во Нови Сад денеска се одржа акцијата „Застани, Нови Сад“ во која од 11:52 до 12:06 часот, опозицијата и граѓаните одбележаа 14 дена од смртта на 14-те луѓе кои загинаа во несреќата на железничката станица во Нови Сад. Во акцијата учествуваа и претставници на опозицијата во Белград со развивање на црно платно пред Собранието на Србија и со блокирање на сообраќајот, јавува Н1.
Како што пренесува „021“, во Нови Сад, граѓаните учествуваа во акцијата и застанаа мирно на бројни локации, односно на големите раскрсници, во центарот на градот, на булеварите и секаде каде што се нашле во моментот. Се слушаа сирени, додека некои не знаеја за што се работи и бараа алтернативни правци за движење.
Novi Sad je stao na 14 minuta! U znak solidarnosti i protesta!
Danas je tačno 14 dana od tragedije koja se dogodila u Novom Sadu gde je izgubljeno 14 života.
Od 11:52 do 12:06, ljudi su stali gde god da su bili. Oni koji su se našli u automobilima upalili su signalizaciju i… pic.twitter.com/y50UyHiLHb
— Kreni-Promeni (@KPromeni) November 15, 2024
Граѓанската асоцијација Мост солидарност од Нови Сад, пак, испратила петиција до Железничката инфраструктура на Србија со апел часовникот на железничката станица во тој град трајно да покажува 11:52 часот, моментот кога бетонската настрешница на таа зграда се урна на 1 ноември, што резултираше со 14 смртни случаи, три лица беа тешко повредени.
Во соопштението тие наведуваат дека со овој симболичен гест „ќе се оствари трајно сеќавање на загинатите и ќе се подигне своевиден споменик на жртвите од трагедијата“.