Без градежна дозвола 44.148 објекти во Црна Гора


Податоците од катастарските евиденции покажуваат дека во Црна Гора има 44.177 објекти без градежна дозвола, додека 1.079 немаат употребна дозвола. Според податоците од извештајот за состојбата на просторното планирање за 2019 година, пречекорување на дозволите е регистрирано кај 2.835 објекти, пишува Дан.

Податоците објавени од Министерството за одржлив развој и туризам (МОРТ), покажуваат дека повеќето објекти без одобрение за градба се во Подгорица – дури 17.142. Употребна дозвола немаат 43 објекти, а пречекорување е констатирано кај 1.234. Потоа е Улцин со 4.754 објекти без дозвола, два без дозвола за користење и 69 со пречекорување во градењето.

На третото место по бројот на „диви“ објекти во државата е Бар, каде што 4.723 објекти немаат дозвола за градба. Осум објекти немаат употребна дозвола, додека кај 69 е регисстрирано надминување на дозволата.

Во Херцег Нови, 2.629 објекти немаат градежна дозвола, 85 употребна и кај 171 е регистрирано пречекорување…

Во текстот се наведуваат детални податоци и за Тиват, Бело Поље, Цетиње, Плевља, Будва и други градови во Црна Гора.

Минатата година, како што се наведува, урбанистичко-градежната инспекција добила 774 пријави за почеток на градење и 434 пријави за адаптација.

Во извештајот се наведува дека крајниот рок за поднесување на барања за легализација истекол на 16 јули 2018 година и дека во претходниот деветмесечен период биле поднесени околу 51.000 барања, од кои биле процесирани над 33.000.