Бети Бацијана, партнерката на Ципрас : Изглед според протокол


Елегантна, во строг костум, со бела блуза и елегантни салонки на потпетица Бети Бацијана (45), невенчаната сопруга на грчкиот премиер Алексис Ципрас (44) , вчера, сама, се поклони пред гробот на славниот Грк, Георгиос Зорба, кој е погребан на гробиштата „Бутел“. Посетата на гробот на Зорба беше во рамките на женската програма, но тоа беше направено дискретно.

Подоцна, Бацијана, во необичен комбинезон со кратки ракави, зачинет со црвени детали како ремен и чевли, заедно со Зорица, сопругата на премиерот Заев, прошета низ Кале, а сопругите на македонскиот и грчкиот премиер, пред заминувањето од Македонија, се дружеа и во ресторан.

Бацијана, која е инженер по компјутерски науки, одржи лекција по протокол, како треба да изгледа сопруга на премиер при официјална посета на една земја. Дискретно, елегантно, без премногу детали во официјалниот дел, и полежерно, ама со стил, во неофицијалните дружења.

На социјалните мрежи, невенчаната сопруга на Ципрас коja живее со Алексис над 20 години и имаат два сина, секогаш е во спортско и лежерно издание.

За време на првата официјална посета на еден грчки премиер на Македонија таа го испочитува протоколот и не дозволи желбите и приватниот стил да доминираат туку кодексите на облекување во политичкиот свет кои не ви даваат премногу место за дизајнерско изразување, ама покажуваат колку се почитува формалното во официјалните средби.

И сопругата на Заев, Зорица, покажа поголем сенс за дрес код од вообичаеното, па избра пантолони место здолниште или фустан за неформалното дружење со Бацијана.

Министерката за одбрана, пак Радмила Шеќеринска, која беше во одборот за пречек на Ципрас на скопскиот аеродром и присуствуваше на сите разговори со високите грчки гости, како симболика избра комбинација од сино стилизирано сако со бело пролетно здолниште, како боите на грчкото знаме. Изборот не не воодушеви, Шеќеринска знаела и подобро.

Л. Сабит