Бесплатни ехо прегледи на дојка за карпошанки


Во насока на подобрување на женското здравје, Општина Карпош во соработка со ординацијата по гинекологија и акушерство ПЗУ „Св. Алексеј“ – Скопје, од идната среда (01.04.2026), организира бесплатни ехографски прегледи на дојки за жени до 45 годишна возраст. Станува збор за проект кој финансиски го поддржува локалната самоуправа, а истиот се реализира преку Програмата за еднакви можности меѓу жените и мажите за 2026 година.

Со оваа проектна активност Општината има за цел да ја подигне свеста за женското здравје, преку  бесплатни превентивни прегледи кои ќе се одржуваат во ПЗУ „Св. Алексеј“, која
функционира во рамки на ЈЗУ Поликлиника Букурешт (Карпош 3).

Во тој поглед, заинтересираните карпошанки можат да го закажат бесплатниот медицински преглед и да добијат повеќе информации, започнувајќи од денеска, среда (25.03.2026) година, на телефонскиот број 071 243 400.

На пациентките кои ќе направат бесплатен ехографски преглед на дојка, ПЗУ „Св. Алексеј“ ќе им понуди и 15% попуст за комплетен гинеколошки преглед. Инаку, Проектот се фокусира на едукација на женската популација за здравјето на дојките, промоција и рано откривање на болести како што е ракот на дојка. На овој начин се зајакнува заедницата преку стручна едукација, при што се поттикнува и акција за преземање на здравствени мерки и се актуелизираат дискусиите за свесноста на женското здравје.