(Видео) Бесни Дагестанци блокираа аеродром на кој требаше да слета авион од Тел Авив

Неколку десетици мажи упаднаа на пистата и зградата на аеродромот во Махачкала, главниот град на Дагестан, руска република со мнозинско муслиманско население


Аеродромот во Махачкала во Дагестан во неделата е привремено затворен поради упад на непознати лица по најавата за пристигнување на лет од Израел, а на местото се распоредени безбедносни сили, соопшти руската агенција за воздушен транспорт (Росавиција).

„Поради упад на непознати лица во сообраќајниот дел на аеродромот во Махачкала, одлучено е привремено да се затвори за влезни и појдовни летови“, соопшти Росавијација, додавајќи дека „полициските сили се на местото на настанот“, пренесе Хина.

Неколку десетици мажи упаднаа на пистата и зградата на аеродромот во Махачкала, главниот град на Дагестан, руска република со мнозинско муслиманско население, во неделата вечерта по најавата за пристигнување на авион од Израел.

Како што пишуваат Известија и РТ, мажите дошле до покривот на зградата и на пистата. На видеата објавени на Телеграм, може да се видат десетици мажи како уриваат огради, се обидуваат да ги контролираат автомобилите што излегуваат од аеродромот и ги кршат вратите во зградата.

Според специјализираната веб-страница Flightradar, авионот на таа компанија, кој полетал од Тел Авив, слетал во Махачкала во 19 часот по локално време (17:00 часот по средноевропско време). Рускиот независен весник „Сота“ пишува дека авионот требало да го продолжи патувањето кон Москва.

Пред да влезат во зградата на аеродромот, неколку демонстранти се обидоа да ги проверат пасошите на луѓето додека излегуваа од аеродромот, барајќи израелски државјани.