Беше ризница на знаење, енциклопедист: Домашни економисти за починатиот Владимир Глигоров

Делото на Глигоров ќе остане како неизбришлива трага. Тој не беше само исклучителен интелектуалец, туку и извонреден човек, велат Љубе Трпески и Бранимир Јовановиќ


 

Извонреден познавач на транзицијата и на состојбите на Балканот, пред сѐ на земјите од поранешна Југославија. Нетипичен економист, човек кој не се расфрлаше непотребно со зборови, но со остроумни и извонредно прецизни анализи и констатации за предизвиците во современиот свет. Накусо, вака го претставуваат луѓето кои го познаваа Владимир Глигоров, познат економист и политиколог, кој почина во четвртокот на 78-годишна возраст во Виена, каде што работеше во познатиот и ценетиот Виенски институт за економски студии, до неговото пензионирање.

Универзитетскиот професор во пензија, Љубе Трпески, поранешен гувернер на Народната банка на Македонија, како и екс- министер и потпретседател на владата, за „Независен“ вели дека делото на Владимир Глигоров ќе остане како неизбришлива трага и сведоштво за едно време во кое тој се ангажираше со целото свое битие да придонесе земјите од Балканот да воспостават економски и демократски принципи својствени на демократските земји. Бранимир Јовановиќ, економист во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, каде што работеше и Глигоров, вели дека не беше само исклучителен интелектуалец и економист, туку беше и извонреден човек.

Владимир Глигоров се ангажираше со целото свое битие да придонесе земјите од Балканот да воспостават економски и демократски принципи својствени на демократските земји, вели Трпески

„Со Владимир Глигоров сме речиси врсници. Тој беше само две години постар од мене. Се ретчи нашата генерација. Во еден период, во осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век, и тој и јас, бевме соработници (колумнисти) во тогаш престижниот југословенски економски магазин ‘Економска политика’“, вели Трпески.

Трпески додава дека колумните на Глигоров се читаа и коментираа, во тоа време, „од Триглав до Гевгелија“.

„Беше меѓу првите заговорници за радикални економски и политички промени во тогашната држава во која што живеевме. Тој, во тоа време, говореше и пишуваше, она што многумина го мислеа, но се плашеа да го изговорат. Се говореше дека неговата храброст произлегува од тоа што е тој син на познат политичар, функционер, кој го заштитува. Но секој кој имал прилика поблиску да се запознае со Владо, се уверил дека е тоа далеку од вистината. Неговата храброст во тие бурни времиња, произлегуваше од неговата цврста верба дека само со длабоки економски и политички промени државите што произлегоа од поранешната СФРЈ, можат да се придружат кон земјите со подолги демократски традиции“, вели Трпески.

Трпески посочува дека економските и политичките гледишта на Владимир Глигоров, а за волја на вистината, треба да се каже дека и улогата на неговиот татко во дисолуцијата на СФРЈ и осамостојувањето на Република Македонија, му го направи речиси невозможен неговиот престој во Белград, и тој најпрво замина во Скандинавија за потоа од 1994 да премине во Виена и да се вработи во познатиот Виенски институт за меѓународни економски студии. Таму со својата ерудиција, знаење и работливост, набрзо се наметна како еден од најценетите експерти за економските и политичките состојби на земјите од Балканот. Посебно за земјите кои произлегоа од поранешната СФРЈ.

„Секој посериозен инвеститор на овие простори, се консултираше и ги уважуваше анализите направени во овој Институт од Владимир Глигоров“, вели Трпески.

„Тој радо доаѓаше на научни конференции организирани од страна на Економскиот факултет во Скопје и други научни институции од Република Македонија. Неговите научни трудови се користеа и цитираа не само во Македонија и земјите од поранешна СФРЈ туку многу пошироко, во Европа и во светот“, додава Трпески.

Професорот Трпески потсетува дека Глигоров, речиси до последниот миг од неговиот живот пишуваше за најпрестижните светски медиуми од типот на „Волстрит џорнал“, а кај нас македонските читатели можеа да ги прочитаат благодарејќи на „Независен“.

„Владимир отиде од овој свет, остана неговото дело како неизбришлива трага и сведоштво за едно време во кое тој се ангажираше со целото свое битие да придонесе земјите од Балканот да воспостават економски и демократски принципи својствени на демократските земји“, вели професорот Трпески.

Глигоров не беше типичен економист, затворен и ограничен во тесните стеги на економијата. Секогаш размислуваше широко и ‘надвор од кутијата’. Беше и економист, и социолог, и филозоф, и политиколог, вели Јовановиќ

Бранимир Јовановиќ, економист во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, каде што работеше и Владимир Глигоров, и експерт за БиХ, Хрватска, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, вели дека со неверување ја примил веста за смртта на Глигоров, а исто така и неговите колеги од институтот.

„Владимир Глигоров беше навистина единствен. И како економист, и како човек.
Не беше типичен економист, затворен и ограничен во тесните стеги на економијата. Секогаш размислуваше широко и ‘надвор од кутијата’. Беше и економист, и социолог, и филозоф, и политиколог“, вели Јовановиќ.

Тој додава дека еклектичниот пристап на Глигоров се забележуваше и во неговите студии. Темите кои го интересираа најмногу беа економскиот раст и развој, транзицијата и економската трансформација, економијата на СФРЈ, социјализмот, улогата на државата во економијата…

„Никогаш овие теми не ги обработуваше само како економист, секогаш имаше широчина и елементи и од социологијата, филозофијата и политичките науки.
Беше ризница на знаење, вистински ерудит, со енциклопедиски познавања. Можеше да дискутира на било која тема. Сакаше многу да зборува и пишува. Иако беше во пензија, пишуваше мејлови скоро секојдневно на интерните мејлинг листи на институтот, со коментари за тековни случувања, интересни текстови што ги прочитал и разни други идеи кои ќе му дојдеа на памет“, вели Јовановиќ.

Тој посочува дека Глигоров беше многу почитуван, не само на Балканот, туку и во Западна Европа. „Немало настан на кој сум бил откако сум на институтот на кој некој не ме прашал за Владо“, вели тој.

„Не беше само исклучителен интелектуалец и економист, туку беше и извонреден човек. Беше многу пријатен, пријателски расположен, мек, како што вели нашиот народ. Беше драг соговорник, со кој можеше да се разговара за што било. За многу прашања сме имале поинакви ставови, но секогаш беше уживање да се разговара со него, да се соочат аргументи и мислења, со желба да се прошират видиците, а не да се навреди соговорникот“, вели Јовановиќ.

Најтажно од сѐ, додава, е што се чини дека беше некако заборавен и игнориран во Македонија.

„Веројатно беше предобар за да биде политичар, но можеше да биде одличен советник. Но за жал, Македонија честопати не знае што има. Останува голема празнина по неговото заминување, која веројатно никогаш нема да се пополни. На сите нас кои доаѓаме по него ни останува да се обидеме во тоа, а тоа го можеме само ако се сеќаваме на неговиот лик и дело, и пробуваме да учиме од нив“, вели Јовановиќ за „Независен“.

Од Глигоров, преку социјалните мрежи се простуваат голем број економисти, политичари, новинари, академици, негови почитувачи, соработници или пријатели.

Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека анализите на Глигоров во делот на макроекономијата, финансии како и економскиот раст на земјите во транзиција и натаму ќе бидат користени како патоказ при креирање на економските политики.

Претседателот Стево Пендаровски, пак, потсети на клучните тези на Глигоров за Рамката за развој #МКД2030, во кои вели дека се добро поставени, но останува прашањето како да се досегнат, како и дека со демографијата на Македонија, како и во целиот Балкан, не е лесно да се досегне раст од 5 проценти во подолг период на време.

Иако роден во Белград во 1945 година и соработник на многу познати меѓународни институти и медиуми, овој врвен аналитичар беше чест гостин и на настани кои што се одржуваа во Македонија, родната земја на неговиот татко Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија.

Би-Би-Си на српски јазик во омаж за овој врвен економист, потсетува на зборовите на Глигоров дека „транзицијата се покажа како неповратна, што секако кажува нешто за усогласувањето на очекувањата со постигнувањата“.

„Меѓутоа, денес очекувањата не се исполнети, бидејќи повторно во некои земји се губи една деценија. Како резултат на тоа, има поборници за подигнување на нови ѕидови, или меки, протекционистички или тврди, аутарктични“, напиша Глигоров во написот во белградски „Нов магазин“ пред осум години.

„Независен“ редовно ги пренесуваше колумните на Глигоров, во кои тој се осврнуваше на најактуелните проблеми со кои се соочуваат земјите од регионот, а пишуваше и за глобалните предизвици и последиците од нив.

 

Пред две и пол години, во интервју за Независен, се осврна и на здравствената криза и економските последици од неа.

Притоа, како што посочи, Македонија е во подобра положба за побрзо излегување од кризата од другите земји во регионот.

„Нејзиниот најголем проблем е сиромаштијата“, рече во интервјуто Глигоров, порачувајќи дека е неопходно да се сочуваат вработените и претпријатијата, како и јавните служби, но и да се почитуваат финансиските обврски. Тој исто така истакна дека во ваква ситуација компаниите не би требало да го делат профитот, особено ако примаат помош од државата, додавајќи дека не исклучува и штедење во буџетот, особено поради фактот што можностите за интервенција од централната банка се ограничени.

„Кога станува збор за јавниот долг, важно е стопанството да расте по стапка која е повисока од каматната стапка со која се задолжува државата. Покрај тоа, единствен начин да се влијае колку е скап кредитот за земја како што е Македонија, која на тоа не може да влијае со својата монетарна политика бидејќи има фиксен курс, е брзиот стопански раст“, порача тогаш Глигоров.