„Беше потешко отколку што мислев дека ќе биде“ : Џаред Лето се искачи на облакодерот Емпаер стејт


Њујорк- Оскаровецот Џаред Лето стана првиот човек што се искачил на облакодерот Емпаер стејт билдинг во Њујорк, САД.

За да го прослави почетокот на турнејата на неговата музичка група „Трти секондс ту Марс“, актерот реши да влезе во историјата и да се искачи на Емпаер стејт билдинг.

„Успеав, жив сум, стигнав до врвот. Баш зборував за тоа дека ја видов мајка ми на прозорецот на 80. кат и тоа беше убаво изненадување“, изјави 51-годишниот музичар и актер за емисијата „Тудеј“ по искачувањето.
 

„Неверојатно е да се гледа изгрејсонцето над град кој многу ми значеше уште од детството. Њујорк е место каде доаѓате за да ги остварите вашите соништа. Како дете сакав да бидам уметник, а Њујорк беше место каде што се станува уметник. Емпајер стејт билдинг отсекогаш ми бил таков симбол. Како што можете да видите, беше голем предизвик“, додаде тој.

Лето призна дека историското искачување било малку потешко отколку што очекувал.

„Искрено, бев повеќе возбуден отколку нервозен. Беше многу, многу тешко. Беше многу потешко отколку што мислев дека ќе биде“, изјави Лето.

Светската турнеја на неговата музичка група треба да започне во Јужна Америка на 15 март, по што ќе продолжи во Европа и во Северна Америка, а треба да заврши на 19 септември во Нов Зеланд.

Лето е подготвен да глуми и да продуцира биографски филм за Карл Лагерфелд, легендарен моден дизајнер чија кариера траеше повеќе од 50 години. Лагерфелд, кој почина во февруари 2019 година, е најпознат по неговата моќна улога како уметнички директор на Шанел.

Проектот веќе е поддржан од модната куќа Карл Лагерфелд.

 

Оскаровецот ќе ја игра главната улога, како и ќе го продуцира филмот со Ема Лудбрук преку нивното продукциско возило Парадокс. Проектот се уште е во рана фаза. Режисерот се уште не е познат.

Актерот, лани, брилјантно го глумеше Паоло Гучи во „Куќата на Гучи“, со Леди Гага и Адам Драјвер во главните улоги.