(Во живо) „Беса транс“ постојано носи туристи во Истанбул – денеска ги снајде трагедија


„Беса транс – Скопје“ е туристичка агенција која вози патници низ Балканот, но и цела Европа, а денеска им се случи трагедија, кога еден нивни автобус, полн со македонските туристи, се запали на автопат во Бугарија, при што загинаа најмалку 46 лица, меѓу кои и деца. Шесте преживеани пренесени се во болница во Бугарија.

Од „Беса транс – Скопје“ не се достапни за коментар, а пред агенцијата, која се наоѓа во центарот на Скопје распоредени се полицајци. Агенцијата е затворена, со спуштена заштитна мрежа.

Компанијата чиј автобус изгоре во сообраќајна несреќа на автопатот Струма во Бугарија е регистрирана во Ќустендил, објавија бугарските медиуми повикувајќи се на проверката направена во Трговскиот регистар.

Tуристичката агенција „Беса транс“ функционира од 2011 година, а од 2019 година нејзин управител е Аздрен Зубери, македонски државјанин со албанско потекло. Седиштето на фирмата е во Ќустендил, но има и неколку канцеларии во Скопје и во други градови во Северна Македонија.

– Не можам да ви дадам информација. Не знам ништо, изјавиле од компанијата за „24 часа“.

Група граѓани – родинини и пријатели на жртвите во автобуската несреќа на компанија „Беса Транс”, утрово се собрани пред седиштето на компанијата во Скопје, интересирајки се за своите своите најблиски.

Седиштето на „Беса Транс”, чиј автобус враќајќи се од Истанбул денеска имаше несреќа во Бугарија при што загинаа 46 граѓани, од утрово го обебзедуваат и полициски службеници.

Привичните информации од надлежните органи кажуваат дека четири автобуси од ова скопска компанија патувале викендот за Турција.

 На нивната фејсбук страница може да се најдат понуди за патување во Истанбул, во Кападокија, но и други европски дестинации.

Доколку се точни информациите дека автобусот што се запали и изгоре во Бугарија, бил со туристи кои се враќале од екскурзија во Истанбул, тогаш веројатно тие се оние кои се враќаат од четврточната екскурзија. „Беса транс“ нуди аранжмани за Истанбул со три и четири ноќевања по цена од 79 или 99 евра, секој четврток и недела.

На Фејсбук страницата може да се погледнат видеа од екскурзијата, но и од луксузните возила со кои носат туристи.

Тоа се еднокатни и двокатни автобуси од марката „МАН“ и „мерцедес“. Овој четврток или петок, за Истанбул заминале пет автобуси, според објавата на агенцијата на Фејсбук, а собираат патници од Гостивар, Тетово, Сарај, Скопје и Куманово.

Во Истанбул се сместени во хотели со 4 ѕвездички, а покрај прошетките за разгледување на знаменитостите, туристите имаат можност да присуствуваат на концерти на турски пејачи.

 

  • Видеото и фотографиите се преземени од Фејсбук страницата на „Беса транс“