Берзата со најдобар промет во последните 10 години, котираните компании со добивка од 157,9 милиони евра

Во периодот јануари – ноември годинава и покрај ковид кризата обемот на тргување на Берзата е зголемен за 11 проценти, при што просечниот број на трансакции е зголемен за 25,3 проценти, а вредноста на просечниот дневен промет за 50,9 проценти. Вкупниот промет од почетокот на годината заклучно со 15. месецов изнесува 127 милиони евра. Добивките на котираните компании се пристојни за ковид опкружувањето, со мало намалување.

Тоа беше соопштено денеска на тркалезната маса „Берзите во 2020 година – Осврт на локалниот и глобалните пазари“, што се одржа во организација на Македонската берза, а на која финансиските власти за следната година ги најавија најголемите реформи на пазарот на капитал.

-Еден од главните приритети  за нашиот модел на раст во наредниот период се инвестиците и на финансискиот капитал, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој најави дека во делот на понудата на хартии од вредност, во 2021 година се очекува да се реализираат деветнаесетата и дваесетата емисија на обврзници за денационализација, како и да се продолжи со издавање на континуираните обврзници.

Со претстојните измени на Законот за инвестициски фондови, како што информира, е предвидено да се воведат фондови – потхранувачи (fider фондови) и фондови – господари (master фондови), да се уреди постапката за статусни промени на инвестициските фондови, процедурите за прекугранични и домашни спојувања на инвестициските фондови, да се воспостави сеопфатен и ефикасен систем на управување со ризици за друштвото за управување и за инвестициските фондови со кои управува,…

Според Бесими, Министерството за финансии наредната година планира да ја реализира најголемата реформа во областа на пазарот на капитал. Постојниот Закон за хартии од вредност ќе биде заменет со два нови закони: Закон за финансиски инструменти и Закон за проспекти за хартии од вредност и обврски на издавачите за транспарентност. Со оваа реформа ќе се создадат услови за развој на нови производи и услуги на финансискиот пазар во Република Северна Македонија, ќе се обезбеди повисоко ниво на стабилност на пазарот, ќе се зајакнат овластувањата на надзорните органи, и ќе се подобри заштитата на инвеститорите и на сите учесници на пазарот.

Од Програмата за техничка помош за иновации и конкурентност на екосистемот, Министерството за финансии обезбеди техничка помош од Светска банка за подготовка на Закон за менаџери на алтернативни инвестициски фондови. На дневен ред на Советот за развој на пазарот на капитал, пак, следната година, најави Бесими, ќе биде новата законска регулатива, како и подготовката на Стратегијата за развој на пазарот на капитал во која ќе бидат утврдени основните цели и приоритети на пазарот на капитал и ќе предложиме за наредниот среднорочен период конкретни мерки за негов натамошен раст и развој.

Како што соопшти Иван Штериев, извршен директор на Македонска берза, вкупните добивки на 100-те котирани компании на Берзата во првите девет месеци од годинава се околу 157,9 милиони евра, а 24 компании исплатиле дивиденда.

– Можеби уште побитно е тоа што се случува со главните акции, компонентите на индексот МБИ. Вкупната нивна добивка заклучно со првите девет месеци изнесува 83,7 милиони евра, од 10 компании седум исплатија дивиденда, дивидендниот принос се движи од 2,88 до 8,46. Ова не е година на обврзници, меѓу другото ги чекаме обврзниците за денационазиација што ќе дојдат наредната година. Работиме со 10 членки, пет се банки, а пет брокерски куќи. Оваа година е многу специфично, иако  прометот е навистина добар, структурата пред се зависи од домашните инвеститори. Во структурата на прометот купувачи од странство се само 1,25  проценти, но тоа  веројатно е потенцијал ако успееме да привлечеме странски инвеститори. Вкупниот  промет во целата година до 15 декември е 127 милиони евра, а во тие рамки 87,9 милиони евра е промет од акции, рече Штериев.

Тој дополни дека прометот со акции во БЕСТ системот изнесувал 87 милиони евра и е најдобар промет во последните 10 години во тргувањето во овој систем, како и дека во делот на промет со акции годинава имаме подобар резултат и од Софија и од Белград.

-Локално и глобално ја завршуваме 2020 година со доста високи пазарни цени на акции. Тоа се базира на фактот дека во текот на 2020 година насекаде во светот владите спроведоа одлучни мерки за помош и стимулација на економијата, истовремено каматните стапки се уште на извонрдно ниско ниво и инвеститорите врз основа на најавите на носителите на одлуките се убедени дека тоа ќе остане така во догледна иднина. Во вакви услови предизвиците на инвеститорите во сите пазари на капитал ќе бидат како да се осмелат да го прескокнат своевидниот тип на грижи кој е доста висок. Листата е доста широка: медицински, економски и политички, а во Македонија плус имаме и некои наши специфии, како што се на пример стандардно лабилната политичка состојба, високата поврзаност во ЕУ економиите и изложеноста на нашата трговска размена од тоа, новата блокада од Бугарија за нашите европски интеграции, истекувањето  на мораториумот за враќање на кредитите итн, укажа  Штериев.

Според Сашо Арсов, редовен професор на Економскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, причина за високиот промет на Берзата годинава е отсуството на алтернативните инвестиции, додека компаниите во структурата на берзанскиот индекс не се многу погодени од кризата.

-Во поглед на Македонската берза фасцинира фактот дека имаме висок промет оваа година и покрај сите случувања, а веројатно причините се отсуство на алтернативни инвестиции, во смисол на  ниски капатни стапки на банките, ниски приноси на обврзниците, едноставно инвеститорите се ориентирани кон нешто поризични вложувања, а од друга страна пак имаме акции, хартии од вредност кај нас коишто се уште се доста атрактивни. И во еден момент  на пад, во периодот февруари-март, веднаш имаше инвеститори кои ја препознаа можноста да купат потценети хартии од вредност и веднаш влегоа на пазарот и прилично го корегираа индексот, појасни Арсов.

Малиот пад на Берзата, дополни, е и поради тоа што 10-те компании во структурата на берзанскиот индекс прилично не се погодени  од кризата. Тоа се пет банки, кои релативно добро поминаа, една фармацевтска компанија која практично и доби, една е телеком којшто исто така има бенефит од целата ситуација, а главниот  проблем можеби се туристичка и нафтена компанија меѓутоа во добивките, во профитите во нивните биланси, нема значајно намалување, посочи Арсов.

Како што наведе, Петар Андревски, главен извршен директор, ВФП Фонд Менаџмент Скопје индексот на берзите и во државава и на глобалните пазари не се прав репрезент на случувањата кај нас.

-Тие се многу важен дел во економијата, но се само еден дел. Веројатно оваа криза многу повеќе ги погоди приватните и малите компании кои имаат многу послаби билансни состојби и кои имаат многу помала достапност или развиеност на технологија која овозможи во оваа криза полесно да се справуваат компаните  со ситуацијата во која сите се најдовме, рече Андревски.

Наведувајќи примери оцени дека Македонија турист, компанијата која е од најпогодениот сектор и е член на индексот на Берзата, сигурно ќе излезе од кризата поради силниот биланс на состојба , но, потенцираше, уште поважно веројатно затоа што чува неколку глобални лиценци за хотелиерство.

– Ќе има дури и поголем ‘маркет-шер’ имајќи предвид дека голем број мали хотели во Скопје или банкротираа или своите згради ги реорганизираа во станбени згради итн, AIRBNB веројатно ќе намали станови во Скопје и дополнително самите гости ќе сакаат да му веруваат на некој поголем глобален бренд во однос на хигиената. Така што очекувам дека во 2021 година покрај тоа што имаат многу послаб импакт на таквите компании да иамат и поголемо пазарно учество во следниот период, наведе Андревски.