Беровско погребално претпријатие фрлало коски од починати на депонија?

Во Берово се испитува случај за наводно фрлање и закопување остатоци од починати лица на градежна депонија од страна на лиценциран извршител на погребални услуги во Берово.
Како што се вели во информацијата на МВР, на 12.03.2025 во 17.15 часот во ОВР Берово било пријавено дека на место викано „Црвени брегови“, атар на Берово, бил забележан лиценциран извршител за погребални услуги во општина Берово како на градежна депонија фрла и закопува остатоци од починати лица, извадени од Градските гробишта во Берово.
Веднаш по добиената пријава, како што се додава во полициското соопштение во консултација со јавен обвинител и во содејство со ракувач со работна машина багер од јавното претпријатие за комунални работи во Берово, било извршено пребарување на посоченото место и на пошироката околина, но не биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривично дело, туку биле пронајдени само остатоци од градежен шут и остатоци од одпад.
По дополнително преземени мерки и по извршени разговори во ОВР Берово, во соопштението од МВР додаваат дека било дојдено до сознание дека лиценцираниот извршител на погребални услуги во повеќе наврати вршел ископување на стари гробови и ги фрлал остатоците од починатите лица на друга локација.
-Подоцна, по овластување на јавен обвинител, бил извршен увид на гробиштата во с.Смојмирово и на удолницата на јужната страна биле пронајдени пет коски кои наликуваат на коски од човек. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава, се вели во соопштението на МВР во врска со случајот.
Директорот на комуналното претпријатие во Берово, Илија Рунтевски за МИА потврди дека е побарано интервенција од нивно возило по насоки на МВР, и дека нивна обврска е само одржување на гробиштата.
Исто така во изјава за МИА лиценцираниот извршител на погребални услуги Перо Сивевски, ги демантира горенаведените тврдења и најави тужби за нарушување на угледот и честа која според него му е нанесена.