Берово доби бесплатен јавен Wi-Fi на градскиот плоштад


Граѓаните и посетителите на Општина Берово од денеска можат да користат бесплатен јавен Wi-Fi на Градскиот плоштад „Димитар Беровски“, како дел од регионалната иницијатива за дигитална поврзаност WiFi4WB.

Проектот е финансиран од Европската Унија и Владата на Сојузна Република Германија, а се спроведува од страна на GIZ во рамки на програмата EU4Digital. Неговата цел е да обезбеди бесплатен и сигурен интернет пристап за граѓаните низ Македонија и земјите од Западен Балкан.

Со воспоставувањето на оваа мрежа, Општина Берово се приклучува кон групата од околу 500 општини во регионот кои ќе бидат опфатени со WiFi4WB, по примерот на европската програма WiFi4EU, преку која беа опфатени над 7.000 јавни локации низ Европската Унија.

Од општината информираат дека новата услуга ќе овозможи подобар пристап до информации, комуникација и дигитални услуги за сите корисници, придонесувајќи кон унапредување на квалитетот на живот и развој на локалната заедница.

Со оваа иницијатива, Берово продолжува со напорите за модернизација на јавните услуги и зајакнување на дигиталната инфраструктура.