Берлускони симболично се ожени по трет пат со 54 години помлада политичарка
Италија- Свадбената забава на лидерот на партијата Форца Италија, долгогодишниот поранешен премиер на Италија, бизнисмен и политичар Силвио Берлускони кој во септември ќе полни 86 години и неговата избраничка на срцето 32-годишната Марта Фашина се случи викендов како „трезвена и непомпезна церемонија во американски стил“.
Свадба имаше, ама таа не беше официјализирана со потпис, односно нема да има правна вредност, ама славењето беше големо „како што заслужува толку важна врска“ .
На свадбената прослава која се случи во луксузната Вила Џернето во Лезмо, не беа присутни сите деца на Берлускони. Марта, која е 54 години помлада од „младоженецот“ е политичарка и членка на неговата партија.
Силвио Берлускони, чие здравје предизвикувa одредена загриженост поради последиците од долгиот Ковид, никогаш не ја криел својата страст за жените кои не беа само дел од неговиот приватен живот, туку и на неговиот јавен имиџ. Покрај бројните отворени, јавни врски со убавици, беше официјално двапати женет, а имаше и повеќе свршеници.
Во 2012 година, магазинот Форбс објави дека Берлускони е шестиот најбогат човек во Италија, со нето богатство од 5,9 милијарди долари. Има значителен имот во телевизија, весник, издаваштво, кино, финансии, банкарство, осигурување и спорт.
