Берлин ќе компензира дел од замрзната американска помош за Украина


Германија, која е ангажирана во големо зголемување на своите инвестиции во одбраната, е подготвена делумно да компензира за прекинот на американската воена помош за Украина, изјави денеска германскиот министер за одбрана Борис Писториус.

– Важна тема на нашите разговори денеска и во наредните недели ќе биде компензацијата за прекинот на американската помош, рече Писториус на заедничката прес-конференција со неговиот украински колега Рустем Умеров. Писториус додаде дека Германија ќе се обиде да го компензира прекинот на помошта со нова помош, барем еден и тоа голем дел.

Германија е вториот најголем снабдувач на Киев со воена опрема по САД, вклучувајќи противвоздушни системи, муниција и борбени тенкови.Германија, исто така, прими повеќе од еден милион украински бегалци од почетокот на руската инвазија пред повеќе од три години.

Вашингтон во понеделникот ја замрзна воената помош и покрај повеќекратните гестови на смирување од Украина по вербалниот судир со Володимир Зеленски во петокот во Белата куќа, каде Доналд Трамп се закани дека ќе го „напушти“.