Бериша ќе бара од Трамп да го симне од „црната листа“


Лидерот на најголемата албанска опозициска Демократска партија и поранешен премиер и шеф на државата, Сали Бериша на прес-конференција изјави дека ќе побара од новата американска администрација да ја укине одлуката со која е прогласен за “персона нон грата”.

-Чекав да се пополни  администрацијата и потоа ќе ги контактирам. Општо е познато дека моето прогласување за нон грата е чин на Џорџ Сорос и оти поранешниот државен секретар Ентони Блинкен го направи тоа без никаква законска основа во сопствената држава и без никаков документ во досие, но со коруптивно лобирање на Сорос,  рече тој.

Поради “вмешаност во висока корупција”, Бериша за непожелен во САД беше прогласен во мај 2022 година, а во јули истата година и во Велика Британија, 

 Најавувајќи масовен антивладин протест на 8 февруари во 17 часот, Бериша рече дека тој ќе биде величествен и дека опозицијата нема да запре до победата на изборите на 11 мај.

– Сега има само еден збор: победа! И оваа победа не запира. Ако ја забележите другата страна, таа е во автодигестија. Што мислам? Ги повторува сопствените измами, ги прикрива сопствените злосторства. Ако го слушате Еди Рама, тој секојдневно ги повторува своите лаги. Тој мисли дека Албанците го изгубиле сеќавањето, дека се во целосна амнезија и можам да им кажам што сакам. Дијаспората нема да го слушне неговото име. Десетици нивни средби со дијаспората не успеваат да ја убедат во нивните лаги, посочи  тој.

И Бериша и Рама јавно ја искажуваат убеденоста во победа на 11- ти по ред парламентарни избори, на кои, за првпат право да гласа има и дијаспората. Во последните три изборни циклуси, од 2013 година триумфираа социјалистите на Рама.