Белоруски блуз: Зошто Лукашенко го уапси главниот противкандидат на изборите?


Александар Лукашенко за време на прославата на Денот на независноста во Минск (Фото: АФП)

Денеска во Белорусија беше приведен Виктор Бабарико, главниот противкандидат на претседателот Александар Лукашенко на изборите што треба да се одржат на 9 август. Бабарико е поранешен шеф на на Балгазпромбанк и дел од белоруската елита. Според Иван Тертел, претседател на Комитетот за државна контрола во Белорусија, Бабарико е приведен бидејќи се обидел да влијае врз сведоци и криење докази.

Бабарико и неговиот син Едуард утрото биле однесени во Дирекцијата за финансиски истраги на Комисијата за државна контрола. Во меѓувреме, беше извршен претрес на домот на Бабарико.

Зошто дојде до овој потег на Александар Лукашенко? Извештајот на „Гардијан“ од пред неколку дена ја објаснува ситуацијата во Белорусија и неуспешниот одговор на властите на корона вирусот, што предизвика големо незадоволство меѓу граѓаните. Еве што напиша дописникот на „Гардијан“ од Москва.

***

Виктор Бабарико, гласен поранешен банкар, го отелотворува незадоволството на елитите од Александар Лукашенко во Белорусија и неговите 26 години на чело на авторитарната држава во Европа.

После неколку децении надвор од политика, Бабарико рече дека решил да постави предизвик и да се кандидира за претседател оваа година, да се спротивстави на економската интеграција со Русија и заради „тотално неодговорното“ справување со пандемијата на корона вирусот. Лукашенко одби да спроведе заклучување, тврдејќи дека пиењето водка ќе го задржи вирусот и одржа парада на Денот на победата на 9 мај, во која учествуваа илјадници војници и остарени воени ветерани.

Земјата во моментов има 56.657 потврдени случаи на Ковид-19 (денешна бројка, н.з.) – значително повеќе од 31.015 во соседна Полска, која има четири пати повеќе население.

„Владата изгуби контакт со реалноста. Одговорот на Ковид-19 беше апсолутен доказ за тоа “, рече Бабарико во интервјуто. „Тие мислат дека Белорусија што живееше толку тивко и кротко за последните 26 години ќе продолжи. Но, земјата за која сметаат дека сè уште постои си замина“.

Лукашенко, понекогаш опишан како „последен диктатор на Европа“, е претседател од 1994 година, победувајќи во реизбор во наместени избори кои испорачуваат 80 отсто мнозинство. Но, на работ на шестиот мандат како лидер, тој е во опасност да се соочи со вистински избори. Граѓанските кампањите меѓу населението собраа стотици илјади потписи во обид да се регистрираат тројца оригинални опозициски кандидати.

Виктор Бабарико на прес-конференција неколку дена пред да биде уапсен (Фото: Тасс)

Како одговор, владата започна со казнување. Еден кандидат веќе е обвинет за нарушување на јавноста и во поранешната банка на Бабарико беше извршена рација во минатата недела. Противниците велат дека јавното одобрување на Лукашенко пропаѓа. „Јас речиси можам да ви гарантирам дека Лукашенко има помалку од 50 отсто поддршка, рече Бабарико. „Тоа е она што ги прави овие избори уникатни“.

За незадоволството има бројни фактори: несигурна економија, збунетиот одговор на корона вирусот, зголемениот дострел на критики преку социјалните медиуми, сè посигурно граѓанско општество – и исцрпеност од владата која се чини дека нема идеи.

„Стана експлозивен коктел“, вели Валерија Костјугова, уредничка на „Наше мнение“ од Минск, истакнувајќи дека корона вирусот помогнал кризата да избувне. „Фокусот се сврте значително кон изборите и надежите дека некако ќе се ослободиме од Лукашенко и неговиот систем на владеење“.

Меѓу вообичаените марионетски кандидати, кои претставуваат мала закана за Лукашенко, се појавија вистински предизвикувачи. Кандидатите од естаблишментот, како Бабарико и Валери Цепкало, поранешен амбасадор во САД, укажуваат на пукнатини во елитата. Сергеј Тикановски, популарен јутјубер со повеќе од 235.000 претплатници, привлече илјадници Белоруси на настани за да собира потписи за неговата кампања под антикорупцискиот слоган „запрете ја тавтабитата“.

Многу приврзаници донесоа папучи, омиленото оружје за убивање штетници во домаќинствата, по предлог на Тикановски. Некои медиуми ова го нарекоа „револуција на папучи “.

Анкетите се строго ограничени од владата, но илјадници стоеја во долги редици за да ги поддржат кандидатите, политички спектакл, за кој набљудувачите велат дека е без преседан.

„Лукашенко успеа да фрустрира и иритира многу социјални групи“, вели Артјом Шрајбман, политички аналитичар од Минск, истакнувајќи дека опозицијата помогна во изложување на „митот“ на популарноста на Лукашенко. „Тоа е уличен протест, но исто така е и ова средство од средната класа во политиката каде што сега се придружуваат луѓето кои никогаш не биле политички“.

Можеби неизненадувачки, прво беше уапсен Тикановски поради апелот до регионите и работничката класа кои можеби претходно го поддржуваа Лукашенко. Во четвртокот, тој беше обвинет за кршење на јавниот ред и напад на полицијата на митингот за собирање потписи во градот Гродно, и може да добие до три години затвор. Набљудувачите велат дека тој веројатно ќе биде во затвор до изборите на 9 август.

Јутјуберот Сергеј Тикановски на еден од неговите митинзи (Фото: ЕПА)

„Кога се јави и рече дека ќе се кандидира… Се сеќавам дека одговорив ‘Сергеј, знаеш како ќе завршат претседателските избори? Во затвор’“, вели Александар Кабанов, блогер и активист, кој истовремено служи и како секретар за печат на кампањата.

„Тикановски е уличен политичар […] и тој никогаш не го криел тоа навистина. Затоа прво отидоа по него, затоа што тоа е најопасното нешто за нив, ако луѓето излезат на улиците“.

Сопругата на Тикановски, Светлана, собра доволно потписи за да учествува на неговото место и во видео полно со солзи објавено во вторникот им рече на поддржувачите дека таа ќе продолжи и покрај тоа што добила анонимни закани дека ќе ѝ се одземат нејзините деца, ако не запре.

Се чини дека Лукашенко размислува за поголема акција. Истиот ден со апсењето на Тикановски, истражителите извршија рација во поранешната банка на Бабарико, Белгазпромбанк, како и во неколку други поврзани деловни активности.

„Тоа ги допира клиентите. Тоа ги допира моите пријатели“, рече Бабарико. „Ова е широк политички прогон“.

Во петокот, на МолаМола, популарна платформа за собирање пари, ко-основана од синот на Бабарико, ѝ беа блокирани активностите. Платформата помогна да се соберат пари за лекарите и антикоронавирусните напори, а потегот против неа е акт против клучна платформа за граѓански активизам.

Лукашенко изјави дека Белорусија нема да има револуција и рече дека вознемирувачките кампањи ги финансирале руските олигарси, што беше референца за поранешниот работодавец на Бабарико. Белгазпробанк е локална рака на рускиот Газпромбанк.

„Гледам сè. Главната работа е дека не треба да се грижите“, му рече Лукашенко на неговиот шеф за изборите на состанокот минатата седмица. „Нема да има државен удар во оваа земја. Ниту ќе има Мајдан“, додаде тој, осврнувајќи се на револуцијата во 2014 година во Украина.

Активисти со заштитни маски и ракавици собираат потписи во Минск за кандидатите на изборите (Фото: ЕПА)

Аналитичарите велат дека обидите на Лукашенко за нормализирање на односите со Западот, особено за време на период на тензии со Русија, која врши притисок врз Минск да ги интегрира двете држави во „обединета држава“, би можеле да го смират потенцијалниот удар, но дека неговата желба за политички опстанок секогаш ќе биде на прво место.

Бабарико претпазливо ги избегна повиците за протест, но рече дека може да избувнат „ако народот се чувствува измамен“, потсетувајќи се на искуствата на Чехословачка и Романија.

„Не сакам и нема да иницирам [протести], но ако луѓето одлучат што е потребно, ќе бидам со народот“, рече тој. „Повеќе ја претпочитам идејата за кадифена револуција, револуција на надежта… мирно, можеби тешко, но легално примопредавање на власта“. (Гардијан)