Италија гори: Десетици илјади луѓе на улиците, судирите со полицијата продолжуваат


Десетици илјади граѓани излегоа на улиците на италијанските градови за да протестираат против растечките трошоци за живот.

Италијанските медиуми објавија дека поголемиот дел од протестите биле мирни, но избувнале судири меѓу демонстрантите и полицијата во Рим и Торино.

Според „Ла Република“, скандирајќи „Мелони, доаѓаме!“, неколку илјади луѓе се собраа вечерва на плоштадот Пјаца Кастело во Торино на вечерен марш против војната во Газа, но и продолжение на претходните протести против високите трошоци за живот и лошите услови за образование.

Носејќи транспаренти со натпис „Секој кампус ќе биде барикада, нема да плаќаме за војната“, демонстрациите набрзо се претворија во отворен судир со полицијата.

Маскирани демонстранти фрлаа шишиња и камења кон полицијата, на што полицијата одговори со сила и солзавец за да ги запре демонстрантите.

Во Рим, синдикатите ги поддржаа демонстрантите повикувајќи на генерален штрајк. Демонстрантите ја нарекоа владата „целосно беспомошна“ и додадоа дека „ако не се разбудат, никој нема да им помогне“.

Полицијата, во очекување на немирите, им советуваше на дуќанџиите низ Рим да ги спуштат капаците.

Демонстрантите се судрија со полицијата во неколку наврати во текот на денот. „Ла Република“ објави дека црвени и виолетови димни бомби биле испукани кон Циркус Максимус, додека полицијата за немири го блокирала влезот со оклопни возила и водни топови.

Вечерта, демонстрантите дури се обиделе да влезат во зградата на Парламентот, но полицијата го спречила пробивот. Осум лица беа уапсени откако фрлале шишиња и улични знаци кон полицијата за време на судирите.