Американските компании одбија да го купат рускиот дизел


 

Испораките на руско дизел гориво, кои требаше да пристигнат во Соединетите Држави како дел од договорот на Доналд Трамп со Владимир Путин, им се нудат на американските компании веќе неколку недели, но досега ниту една не се согласи да ги купи. Ова за весникот „Вашингтон сан“ – основан неодамна од новинари кои останаа без работа по масовните отпуштања во „Вашингтон пост“ – го изјавија учесници во енергетскиот сектор и аналитичари.

Администрацијата на Трамп ги поттикнува компаниите да се вклучат во договорот. Но, сите се обидуваат да останат што подалеку од него, изјави за весникот трговец од Волстрит, повикувајќи се на разговори со претставници на водечки енергетски компании: „Никој не сака да има работа со тоа, бидејќи стравуваат што ќе се случи на следната сесија на Конгресот. Никој не сака да биде вовлечен во долга правна битка или серија истраги, а овој случај изгледа како класичен пример токму за тоа“.

Се очекува демократите да освојат мнозинство во Претставничкиот дом по изборите на 3 ноември. Можно е да ја преземат и контролата врз Сенатот. Тие веќе најавија истрага и побараа од банките и пристаништата да ја зачуваат целата документација поврзана со трансакциите за руски дизел. Демократите, како и некои републиканци, предупредија дека купувањето на овој дизел претставува прекршување на законот од 2022 година, со кој се забранува увоз на руски енергенси. Ова е една од причините поради кои компаниите не сакаат да преземат таков ризик, изјавија извори за „Вашингтон сан“.

Еден аналитичар за весникот изјави:

„И Москва и Вашингтон активно ги охрабруваат компаниите да ги прифатат овие пратки, нудејќи им дури и значителни попусти, но наидуваат на силен отпор поради загриженоста за угледот и правните ризици“.

Три танкери моментално се на пат кон Америка, откако во балтичкото пристаниште Приморск натоварија 140.000 тони дизел гориво. За еден од нив првично беше наведено дека дестинацијата е Њујорк, но сопственикот за „Фајненшел тајмс“ изјави дека бродот моментално „чека наредби, бидејќи пристаништето за истовар сè уште не е потврдено“.

Другите два танкера како дестинација наведуваат „Атлантски брег, чекаат наредби“; едниот од нив е под санкции од ЕУ, Обединетото Кралство и Канада, а другиот – од ЕУ и САД. Руските рафинерии ја зголемија искористеноста на своите капацитети за 25 отсто кон крајот на октомври во споредба со почетокот на месецот, по договорот поврзан со Трамп и прекинот на нападите од страна на Украина, објави Ројтерс, повикувајќи се на три извори од индустријата. (Сепак, паузата траеше само околу две недели – во петокот ноќта, украински беспилотни летала ја нападнаа рафинеријата за нафта „Новокујбишевск“, која е дел од групата рафинерии на „Роснефт“ во Самара.) Нафтените компании сега ќе можат да извезуваат приближно 80.000 тони дневно.

Русија ќе извезе 510.000 тони дизел гориво во октомври и 2,15 милиони тони во ноември, изјави во петокот заменик-премиерот Александар Новак.

Но, со оглед на правните, политичките и репутациските ризици поврзани со договорот за дизел на Трамп, интересот кај американските купувачи е сè уште мал, дури и меѓу трговците на „сивиот пазар“, наведуваат аналитичарите од „Рапидан енерџи груп“:

„Според нашите сознанија, никој сè уште не покажал интерес, и покрај значителните попусти што се нудат. Москва и Вашингтон сè уште се мачат да најдат купувачи, но не би нè изненадило доколку овие пратки на крајот завршат во Бразил“.