Данска спречила атентат организиран од руските тајни служби
Данските безбедносни служби спречиле обид за атентат врз американско-украински државјанин на територијата на Данска, а властите во Копенхаген тврдат дека зад планираното убиство стојат руските разузнавачки служби. Данската премиерка Мете Фредериксен соопшти дека националната полиција и Службата за безбедност и разузнавање навреме ја откриле и спречиле операцијата, која, според нивните проценки, била организирана од Русија.
Цел на нападот бил американско-украинскиот рапер познат како Kyivstoner, кој во септември требало да настапи во Данска.Според данските власти, за извршување на атентатот биле ангажирани лица поврзани со забранетата криминална организација „Loyal to Familia“ (LTF). Двајца дански државјани се осомничени дека биле регрутирани од руските разузнавачки служби за да го извршат убиството.
Случајот предизвика сериозни реакции во Данска, а премиерката Фредериксен предупреди дека станува збор за уште еден показател за влошената безбедносна состојба во Европа.
„Се соочуваме со Русија која е под притисок, дејствува сè поагресивно и е подготвена да презема поголеми ризици“, порача Фредериксен.
Таа посочи дека Европа се соочува со различни форми на закани, вклучувајќи беспилотни летала со експлозив во близина на критична инфраструктура, саботажи и деструктивни сајбер-напади. Според данската премиерка, иако методите се различни, ваквите активности укажуваат на поширока безбедносна закана за европските држави. Фредериксен нагласи дека Данска нема да дозволи да биде заплашена и дека заедно со своите сојузници ќе продолжи да ја поддржува Украина.
„Нема да дозволиме да бидеме заплашени. Никогаш нема да попуштиме и никогаш нема да отстапиме од она во што веруваме“, истакна данската премиерка.
Таа најави зголемување на поддршката за Украина и дополнително заострување на санкциите против Москва. Меѓу предложените ограничувања е и запирање на издавањето визи за руски државјани за патувања што не се неопходни, како и ограничување на важноста на издадените визи само на земјата што ги издала.
Данската влада најавува и засилување на капацитетите на полицијата и разузнавачките служби за справување со новите безбедносни закани.