Три лица загинаа во сообраќајна несреќа во Египет


Три лица загинаа, а 25 беа повредени откако патнички автобус и камион денеска се судирија во близина на египетскиот туристички град Хургада, јавија египетските медиуми.

Несреќата се случила на патот што ги поврзува Хургада и градот Рас Гариб, јави весникот „Ал Масри Ал Јум“. Меѓу загинатите наводно е и возачот на автобусот.

Тројца Руси и еден француски државјанин се меѓу повредените, пренесе ДПА повикувајчи се на локалните медиуми.

Прелиминарните наоди сугерираат дека автобусот удрил во задниот дел од камионот, објави информативниот портал „Масрави“.

Десетици амбулантни возила се испратени на местото на настанот и ги пренеле жртвите во блиските болници, се додава во извештајот.

Точната причина за несреќата сè уште не е јасна.

Сериозните сообраќајни несреќи се релативно чести во Египет. Тие често се препишуваат на невнимателно возење и лошите услови на патиштата.