Белен до пратениците: Не грижете се, македонскиот јазик ќе опстане во ЕУ


Не грижете се, македонскиот јазик ќе опстане во ЕУ, како си сите други јазици во Северна Македонија, им порача денес на пратениците австрискиот претседател Александер ван дер Белен, кој престојува во прва официјална посета на земјата.  Белен, како и претходно на прес конференција, ги охрабри да ги поддржат уставните измени, уверувајќи ги дека тоа ќе се исплати, дека ќе им бидат благодарни граѓаните и дека патот на Македонија во ЕУ не е нејасен, како што се верува кај нас, туку трасиран и од нас најмногу зависи колку брзо ќе го изодиме. 

-Вашиот воз кон ЕУ стоеше со години на железничката станица во Скопје. Во јули се запали зелено светло на семафорот. Северна Македонија го заслужи ова патување, тргна кон Брисел и е на добар пат, уверуваше Белен додавајќи дека Владата и парламентот треба да му дадат енергија на процесот за да успее. 

Тој притоа почувствува потреба јасно да каже дека не верува дека е можно да се добие нов договор  за почнување преговори со ЕУ.

-Со договорот од Преспа Северна Македонија заслужи меѓународно признание  и почит, а претходно со Охридскиот договор  стана пример за успешен соживот во регионот. Но, јасно ќе кажам- не верувам дека е реалистично  дека договорот од јули за започнување на преговорите со ЕУ ќе се преговара уште еднаш. Затоа е важно да се гледа напред, не назад. Патот кон Европа се исплати и затоа се исплати и следниот чекор  што треба да се направи, иако не е лесен“, порача Белен. 

За да ја илустрира ситуацијата тој се повика на австрискиот пример, кога земјата преговараше за влез во Унијата и кога според неговото кажување многумина биле загрижени дека не ќе можат, покрај Германија, да го зачуваат идентитетот и, како што рече, специфичниот јазик и акцент со кој зборуваат, а што надвор се смета за германски јазик. 

-И во Австрија имавме слични дилеми во 1995 година, иако од други причини.  Германија како наш партнер е десетпати поголема од Австрија и тоа отвори прашања  за сопствениот идентитет.Постоеше загриженост дека членството во ЕУ ќе влијае на јазикот, поради што преговаравме за чувствителни зборови  што не се такви во германскиот јазик. По 10, 20 години членство не се ни сеќавам за што преговаравме воопшто и тие прашања станаа сега неразбирливи. Австрискиот јазик остана целосно неоштетен. Затоа, не грижете се, и македонскиот јазик ќе опстане, како и сите други  јазици во Северна Македонија. ЕУ се залага за единство на различностите и јас се надевам дека уникатното културно бногатство на вашата држава  ќе го збогати културното богатство на ЕУ, рече Белен. 

Тој се осврна индиректно и на ставот на опизицијата за внесувањето на Бугарите во Уставот, порачувајќи дека како бивш пратеник бил и во опозиција и на власт и дека не знае кога му било потешко, па го разбира искушението да се искористат сите сретства за да се подобри политичката позиција. Но, според негова оценка, тоа не треба да го наруши единството во земјата порачувајќи дека „компромисот е камен на демократијата  и не треба однапред да се кажува дека е лош“. Уште повеќе тој компромисот го нарече заедничко решение. Дека е искрен во тоа што го зборува и дека и нему не му е лесно, покажа со еден гест – уште на почетокот на говорот забележа дека мора да се концентрира многу на зборот Северна кога го кажува името на земјата

„Евроинтеграцијата на Северна Македонија и лежи на срце на Австрија. Австрија се залагаше во јули конечно да почнат преговорите со ЕУ и постојано се залага иницијативите на ЕУ  да ви  бидат достапни и пред формалното членство“, рече Белен. Тој интерес го потврди со присуството на преставници од 25 компании кои дојдоа со него на бизнис форум во Македонија, порачувајќи дека австриските инвеститори се сериозни, односно таму каде што влегуваат – остануваат.