БДП на Германија лани падна за пет проценти, прекинат десетгодишниот раст


Германската економија забележа пад од 5,0 проценти во пандемиската 2020 година, ставајќи крај на десетгодишната експанзија, откако мерките за заклучување задушија голем дел од деловната активност и потрошувачката, покажуваат податоците на Федералното биро за статистика Дестатис.

Колку и да е мрачна оваа бројка, падот е помал отколку што предвидуваа многу аналитичари, а високата стапка на раст на заштедите сугерира дека потрошувачите би можеле да бидат подготвени да започнат силно економско закрепнување кога конечно ќе се укине блокадата, проценува АП.

Според Дестатис, само германскиот градежен сектор порасна минатата година, додека индустриското производство и услужниот сектор длабоко потонаа. Земјоделството, финансиските услуги, недвижностите, информатичките и комуникациските сектори претрпеа благ пад.

Алберт Бракман, шеф на групата за економски проценки и цени, вели дека приватната потрошувачка „може значително да порасне“ во наредниот период, имајќи предвид дека стапката на заштеди на населението во Германија се зголеми за рекордни 16,3 проценти во текот на 2020 година.

Германската економија минатата година помина подобро од некои други членки на еврозоната. Според Дестатис, Франција паднала за 9,4 проценти, Италија за 9,9 проценти, а Шпанија која е зависна од туризмот за 12,4 проценти, според АП, при што се додава дека официјалната статистика на тие земји треба да биде објавена на почетокот на февруари. Официјалните лица на Дестатис исто така проценија дека економскиот пад на САД минатата година бил 4,6 проценти, а кинеската економија пораснала за 2,1 процент.

Минатогодишниот пад на германскиот БДП предизвикан од пандемијата, кој прекина една деценија од нејзиниот раст, е помал од оној забележан за време на глобалната финансиска криза во 2009 година, кога најголемата европска економија потона за 5,7 проценти. Новинската агенција потсетува дека германската економија во 2019 година забележа умерена стапка на раст од 0,6 проценти.