Барал мито од 100.000 евра, добил 20.000 и лисици на рацете – ОЈО бара притвор за директорот на геријатрија

Сто илјади евра барал в.д. директорот на специјализираната болница за геријатрија и палијативна медицина „13 Ноември“, Мухсин Арифи за да хоспитализира пациент за кој знаел дека е имотен. Арифи на неговото семејство им предложил да го продадат станот на пациентот и така да ја добие целата сума која ја барал. Добил мито од 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата.
Поткупот всушност го дал сведокот во постапката, кој бил и давател на доживотна издршка за лицето кое боледувало од повеќе состојби и на кое по лекарски препораки и упатување му било потребно болничко згрижување во наведената установа. Но, пациентот бил ставен на листа на чекање. Посредникот, кој бил близок до директорот Арифи и негово лице од доверба на сведокот му закажал средба со директорот на 19 март во угостителски објект во Скопје.
„На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка“, соопштуваат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Неколку дена подоцна, на 3 и 4 април, имало уште две средби. Првата меѓу жената сведок и посредникот, а потоа и со директорот Арифи.
„Конечно било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот „со проверки“ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра. Согласно овој договор, на 08.04.2025 година жената-сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници“, се додава во соопштението на ОЈО ГОКК.
Обвинителството бара притвор за двајцата осомничени. Од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, чиј член е Арифи, вчера ги повикаа надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности. Од Министерството за здравство соопштија дека се залагаат за што побрзо расчистување на случајот. Арифи претходно беше директор на психијатриската болница во Бардовци.