Банките и натаму доминираат, но расте учеството на останатите финансиски институции


Останатите финансиски институции (ОФИ) во кои спаѓаат инвестициските и пензиските фондови, осигурителни, брокерските и финансиските друштва во државава го зголемиле за четири проценти поени нивното учество во рамки на финансискиот сектор во изминатите шест години. Ако ОФИ во првиот квартал 2014 година располагале со 53 милијарди денари, нивното учество денес е зголемено речиси повеќе од двојно и изнесува 121,472 милијарди денари, со најголем удел на пензиските фондови и осигурителните друштва.

Статистиката за ОФИ беше тема на денешната он-лајн работилница за новинари што ја организираше Народната банка, од каде укажаа дека според расположивите средства за финансирање и инвестирање во државава ОФИ секторот има растечка улога во финансискиот сектор и се поголемо значење во финансиското посредување.

Оваа статистика обезбедува навремени и детални податоци за следење и анализа на движењата кај овој сектор по видови на финансиски институции. Воедно, има придонес во одлуките за водењето на монетарната политика, оценка на ранливостите во финансискиот систем, импликации врз финансиската
стабилност…

-Наша цел е постојано да ја зголемуваме транспарентноста и отчетноста на централната банка, преку доближување на сите статистики и податоци што ги продуцираме и што се релевантни за јавноста, во што клучна улога имаат новинарите, рече во обраќањето на работилницата гувернерката на Народната банка Анита Бежоска Ангеловска.

Во рамки на Европската унија делот на ОФИ изнесува 20 проценти, а останатите 80 проценти се на банкарскиот сектор.

-Како тренд што се случува во периодот по гобалната економска криза е една растечка траекторија  кај овие останатите финансиски институции. Се забележуваат дури и двоцифрени стапки на раст, од кои не сме исклучок и ние. Едно од објаснувањата за тоа се направените големи регулаторни реформи во финансиската сфера во посткризниот период, појасни гувернерката.

Овој тренд, укажа, е значаен од повеќе аспекти. Од една страна значи поголема понуда на финансиски производи, нови инвеститорски можности, … но од друга страна бара и поголема внимателност, пред се, заштита на потрошувачите за преземање прекумерни ризици преку финансиска едукација и воспоствување институционални механизми за нивна заштита.

– Со самиот раст на овие  средства се зголемува нивното значење за целокупната финансиска стабилност, потенцираше Ангеловска Бежовска, посочувајќи дека во март годинава кога почна кризата со пандемијата во САД имаше големи турбуленции на финансиските пазари токму во овој дел кај останатите финанансиски институции што укажува на тоа дека големата глобална реформа на финансиската регулатива се уште не е довршена.

Согласно последните расположливи податоци за првиот квартал од 2020 година, во државава скоро половина од средствата на ОФИ претставуваат вложувања во должнички хартии од вредност со учество од 49,7 проценти, додека вложувањата во сопственички хартии од вредност и валути и депозити учествуваат со 19,4 проценти и 16,1 процент соодветно.

-Од вкупните средства на ОФИ пензиските друштва во првиот квартал учествувале со 62,2 проценти односно 75.581 милиони денари.  Од нив, 62,1 проценти од средствата се инвестирани во должнички хартии од вредност (претежно во државни обврзници издадени во странска валута), коишто се и главен носител на годишните стапки на раст, но значајно влијание имаат и сопственичките хартии од вредност со 26,3% учество во вкупните средства (главно вложувања во странски акции), рече на презентацијата Султанија Бојчева Терзијан од Дирекцијата за статистика при Народната банка.

Осигурителните друштва кои се втор најголем потсектор на ОФИ со 21,3 проценти учество, се со слична политиката на инвестирање, како пензиските фондови. Доминираат средствата вложени во должнички хартии од вредност (40,3 проценти учество во вкупните средства во  првите три месеци од годинава, главно во државни обврзници во странска валута, по што следуваат вложувањата во валути и депозити со 24,4 процентии останати побарувања со 17,8 проценти.

Инвестициските фондови, позначаен дел од средствата (околу 42,9 проценти во првиот квартал годинава)  ги инвестирале во валути и депозити во банките, додека преостанатите средства, речиси подеднакво (27,8 проценти и 28,6 проценти, соодветно), ги вложуваат во должнички и сопственички хартии од вредност.