Бангкок е подобар од Скопје: Вицепремиерот Арбен Фетаи си отиде од Владата и се шета по Азија


Арбен Фетаи во Бангкок

 

Во политиката сите знаеја дека вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, формално  уште е член на Владата, а фактички го напушти Скопје и си замина од државава. Го нема на неговото работно место најмалку месец и пол. Тоа го потврди и премиерот Христијан Мицкоски.

За да ги расчисти сите недоумици самиот Фетаи се јави на својот Фејсбук профил да посведочи дека е жив и здрав и дека е на прошетка по Азија. Испрати своја слика од главниот град на Тајланд, Бангкок. Сигурно не му е лошо. А дали уште зема плата за недоаѓањето на работа и за шетањето по светот Владата треба да даде точна информација.

Премиерот Христијан Мицкоски пред една недела во интервју за Сител потврди дека Фетаи фактички веќе не е дел од владата што тој ја предводи.

„Со Фетаи се видовме пред неколку недели и во разговор ми рече дека тој повеќе не се следа во овој состав на владата кој јас го предводам“, рече премиерот.

Фетаи наводно му рекол на премиерот дека сака да се врати во Брисел, од каде што дојде на предлог на „Вреди“ да биде вицепремиер. „Јас му предложив дека би сакал да го искористиме да работи нешто за владата односно да биде наш специјален преставник во Брисел. Размислувам како да го ангажираме“, рече Мицкоски.

Дека Арбен Фетаи фактички не е дел од владата прво спомена поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари, во интервју за Телма, велејќи дека си заминал во Брисел. Таа информација подоцна ја потврди и министерот за здравство Азир Алиу во интервју за „360 степени“ кога кажа дека вицепремиерот за добро владеење веќе еден месец на доаѓа на работа и не знае дали е тука или некаде отпатувал. И Арбен Фетаи и Азир Алиу беа дел од крилото на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари кога влегоа во владата.