Балканот во 2023 година: помеѓу рускиот и турскиот неопопулизам


 

Може ли руското сценарио од 2022 година да се повтори како турско по 2023 година? Ова е прашањето што го поставува берлинскиот истражувач Томас Шад во својата анализа во најновиот број на авторитетното германско списание Südosteuropa-Mitteilungen. Размислувајќи за тоа што го прави неопопулизмот толку успешен, тој исто така се обидува да одговори како авторитарните режими учат едни од други.

Томас Шад прави важна опсервација – промоцијата на ревизионистичките историски слики има терапевтски цели. Луѓето сакаат да се чувствуваат добро. Ревизионизмот е „терапевтска манипулација со јавното мислење“. Тој им помага на луѓето да се чувствуваат добро, го добива и нивното одобрување. Затоа, колку и да се ирационални, популистите мора да се сфатат сериозно.

Не може да има функционално вистинско партнерство помеѓу авторитарните и демократските режими, дури често демократските режими ги стабилизираат авторитарните поради страв од понатамошна нестабилност. Популизмот се одликува токму по тоа што, покрај потрагата по силна авторитативна рака, има за цел да обезбеди значително одобрување од јавноста. Таквите режими обезбедуваат терапевтска поддршка преку контролирани медиуми и ширење на ревизионистички историски слики со носталгична емотивна содржина.

„Иднината на носталгијата“

Ревизионизмот се потпира на носталгијата – нормална човечка состојба. Во 2001 година, руско-американската истражувачка Светлана Бојм беше првата што ја предвиде „иднината на носталгијата“ со нејзината истоимена книга, каде што направи разлика помеѓу „рефлексивната“ и „ресторативната“ носталгија. Првата може да помогне во интегрирањето и разбирањето на минатото, последната пак е  дел од ревизионизмот кој следи социо-психолошки цели – фактите се селективно пласирани  и во согласност со емоционалните потреби, при што постојано се менуваат или дополнуваат.

Томад Шад нагласува дека и за Русија и за Турција, времето на транзиција – доцните 1980-ти и 1990-тите – беше важен период за формирање на ревизионистички политики. Слични трендови се забележуваат и во двете земји – од една страна либерализација на историографските дискурси, а од друга – радикализација и стеснување на погледот. Во двата случаи, колективните трауми излегуваат на површина и повторно се инструментализираат.

Ревизија на отоманското минато

Од 1980-те, за време на Тургут Озал, во Турција започна ревизија на отоманското минато, отфрлено од кемализмот како историски период без голем престиж. Неоотоманизмот, повеќенасочен културно-политички дискурс, има за цел нова геостратешка ориентација, нова интерпретација на историјата и истовремено – задоволување на носталгичните потреби за престиж и самопочит. Турскиот нео-отоманизам, посочува Шад, се протега многу подалеку од границите на Турција со емитување на мејнстрим ТВ серии, онлајн и други културни продукции. Програмските надворешнополитички текстови на водечките турски интелектуалци, како што е Ахмет Давитоглу, се поттикнати токму од овој неоотомански историски ревизионизам.

Шад, на пример, се прашува зошто текстовите како „Стратегиската длабочина“ на Давитоглу (2001) и „“Цивилизации и градови (2016), кои се споредливи со евроазискиот ревизионизам на Путин, не се преведени ниту на англиски ниту на германски. Овие текстови го скицираат османлискиот центар и периферијата, ја именуваат религио-културната солидарност како водечка надворешнополитичка доктрина за Турција, сликаат нов отоманско-исламски цивилизациски модел како противтежа на стариот европски колонијален модел.

Војната во Босна

Токму со поглед на Балканот, овие дела се доста контроверзни. Војната во Босна (1992-1995) и европската политика на неинтервенција имаа огромна улога во промената на јавното мислење во Турција и во будење на позитивни чувства кон османлискиот период. Ова се однесува, нагласува Шад, не само за исламистичкиот дел на Турција, туку и за традиционално прогресивните либерални кемалистички кругови. Судбината на Босанците буди дури и во сосема оддалечените делови на Анадолија сочувство и сеќавање на старата траума –  протерувањето на кавкаските и европските муслимани кои го нашле својот дом во Турција – „бегалци на верата“. Босанската војна предизвикува огромна штета на имиџот на Европа во Турција.

И иако солидарноста, сочувството и ветувањата за безбедност на европските муслимани се непроменлив дел од секој говор на владетелите во Турција, се работи за селективно повикување на историските факти и свесен историски ревизионизам. Како што режимот на Путин самоволно го употреби зборот „геноцид“ врз Русите во Украина за да ја оправда својата воена агресија, така и режимот на Ердоган често го користи зборот „геноцид“ за судбината на европските муслимани. Наспроти оваа позадина, сепак, тој продолжува да го негира отоманскиот геноцид врз Ерменците (1915-1916). Така, зборот „геноцид“ не води кон подлабоко разбирање на проблемот, туку останува на ниво на селективна манипулација.

Руско сценарио во Турција? Набљудувајќи го однесувањето на Турција и анализирајќи ја политиката на сомнеж во однос на постоечките граници – особено во однос на Грција – Томас Шад не ја исклучува оваа можност. Република Турција во 2023 година ја слави 100-годишнината од своето основање. Ова ќе биде и изборна година. Веројатно тоа ќе биде повод за понатамошни активности. Анализата на Томас Шад се фокусира на моќта на чувствата што ги предизвикуваат старите колективни трауми. Токму тие чувства стануваат алатка во политиката на популизмот. Историскиот ревизионизам не може да се побие само со рационални аргументи. Тој треба да се сфати сериозно. (Дневник.бг)