„Бахус класик релито“ завршува денеска во Скопје

По седумдневно патување низ две држави и поминати 1.060 километри, денеска завршува „Бахус класик релито“. Околу 20 постари автомобили, специјално донесени од Западна Европа и САД денеска во попладневните часови ќе пристигнат во Скопје.
„’Олдајмерите’, од коишто поголемиот дел се првпат донесени на овие простори, од 17:30 часот ќе бидат изложени во кругот на хотелот ‘Хилтон’ во Скопје. Изминативе денови ‘олдтајмерите’ означени со логото на ‘Бахус класик’ патуваа низ Македонија и Грција, посетувајќи ги, впрочем, Штип, Кавадарци, Гевгелија, Охрид, Битола, Бигорскиот манастир, Лутраки бањите и Халикиди. Вакво меѓународно рели од премиум-ранг се одржува првпат на овие простори“, соопшти организаторот.
Целта на организаторите беше да се прикаже земјава како нова дестинација за релија од овој тип и да се промовира државата како туристичка атракција.
Релито е впишано во календарот на Светската асоцијација на историски возила (ФИВА) којашто обединува повеќе од 2,5 милиони љубители на стари возила во повеќе од 70 држави. Во календарот има околу 20 настани од овој тип, па „Бахус класик рели“ е едно од нив.