Азиски пазари: Индексите под притисок од украинската криза, цената на нафтата нагло порасна
Индексите на азиските берзи остро паднаа во вторникот, додека цената на нафтата нагло порасна бидејќи инвеститорите стравуваа од војна во Украина, откако Русија испрати војници во два проруски региони во земјата.
Азиско-пацифичкиот берзански индекс MSCI, без јапонскиот, беше околу 6,45 часа помал за 2 отсто.
На Токиската берза индексот Никеи се лизна за околу 2 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Јужна Кореја и Хонг Конг паднаа меѓу 1,3 и 3 отсто.
Азиските берзи нагло паднаа поради ескалацијата на тензиите меѓу Западот и Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот призна два одметнати проруски региони во источна Украина и ѝ нареди на руската војска веднаш да започне „мировна операција“ таму.
Ова предизвика остра осуда од Западот, повици за санкции и ги засили стравувањата дека војната во Источна Европа е неизбежна.
Како резултат на тоа, на Волстрит, каде вчера немаше работа поради празниците, индексот на фјучерси S&P 500 падна за околу 1,5 отсто, а паднаа и индексите на европските фјучерси.
Курсот на руската рубља, пак, падна во однос на доларот на најниско ниво во последните 18 месеци, додека рускиот берзански индекс MOEX вчера потона за повеќе од 10 отсто.
„По овој руски потег, поблиску сме до воена интервенција, што секако носи голем ризик на пазарите. Очекувам зголемена пазарна нестабилност на краток рок, пораст на цените на нафтата и пад на цените на акциите. Инвеститорите ќе бараат засолниште за капитал во побезбедни инвестиции, како што е јапонскиот јен“, рече Карлос Казанова, економист во UBP.
На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути порасна.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на ввалутата на САД во однос на другите шест главни светски валути, утринава се движи околу 96,22 поени, додека вчера беа 95,85 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 114,95 на 114,65 јени.
Но, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,1300 долари, додека вчера во овој момент беше 1,1360 долари.
Цените на нафтата, од друга страна, значително пораснаа, приближувајќи се до новите највисоки нивоа за повеќе од седум години, бидејќи трговците стравуваат од прекини во снабдувањето со енергија на Русија.
На лондонскиот пазар цената на барелот скокна за 1,5 отсто на 96,80 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 3,05 отсто на 93,85 долари.