Азески: За поголем раст потребен е добар деловен амбиент


Стопанската комора на Северна Македонија ќе ја поддржи секоја иницијатива која води кон повисок животен стандард, со обезбедени девизни резерви и изграден модел на економски раст, истакна денеска претседателот Бранко Азески.

Прашан за коментар за изјавата на премиерот дека македонската економија бележи раст од 3,4 отсто и оти државата е лидер во регионот, нагласи дека секогаш треба да се движиме кон некаква цел, која е повисока од претходната.

– Нас ни е потребна цел, таа цел ја гледам во раст на бруто домашниот производ затоа што нема други индикатори кои ќе прикажат дека има плаформа и има цел кон која се движиш. Јас верувам и сум верувал цел живот во три работи: да имаш јасна цел пред себе, луѓе што можат тоа да го остварат зад тебе и да имаш пари. Без тие работи неможе напред да се оди, рече Азески.

Тоа, според него, ја мобилизира целата економија да се движиме кон некаква цел која  е повисока од претходната, ќе значи одговорност за кажаното и кое ќе те стимулира да го правиш тоа, но ќе ги стимулира и сите странично да го прават и да ги доведе на една платформа на развој. 

– Една држава може да постои и опстои само ако обезбеди иднина за своите генерации, а таа иднина се обезбедува со повисок животен стандард, со обезбедени девизни резерви и со изграден модел на економски раст. Ние ќе поддржиме секаква иницијатива која води во тој правец. Знаеме што значи да направиш таков раст и дека е потребен деловен амбиент, услови во регионот каде нема да ѕвечка оружјето, туку ќе бидат поставени на ниво на конкурентска борба на стоки и услуги на меѓународниот пазар. И сакаме да го оствaриме тоа на тој начин. Сите влади да делуваат во функција на остварување на предвидлив деловен амбиент и избегнување на секакви конфликти кои ја уништуваат економијата, додаде Азески.

Подвлече дека остануваат на општите принципи и оти секој раст поголем од претходната година е успех и за Комората и за компаниите и за секоја влада.