Азески на средба со фондацијата „Западен Балкан 30: За oбединета, безбедна и просперитетна Европа“


Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески денеска во просториите на Стопанската комора ќе оствари средба со Лорд Барон Кристофер Гајт (секретар/главен политички советник на Кралицата Елизабета II, 2007-2017), Џорџ Базби и Рубен Џонсон.

Сите тројца се актуелни директори на непрофитната фондација „ЗАПАДЕН БАЛКАН 30: За обединета, безбедна и просперитетна Европа“.

Станува збор за непрофитна фондација регистрирана во Хаг, која се залага за пристапување на сите земји од Западен Балкан (ЗБ) во Европската Унија до 2030 година.

Тројцата директори на фондацијата, како што информира Комората, ќе имаат средби и со претседателот на Владата Христијан Мицкоски и со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

– „ЗБ30“ верува дека долготрајната исклученост на земјите од Западен Балкан од ЕУ создава несигурност и нестабилност и претставува кочница за економскиот раст на целиот континент, оставајќи ја Европа поделена и неспособна да го искористи својот целосен потенцијал. За еден месец, од септември 2025 година, „ЗБ30“ формално ќе отпочне со работа во Брисел, а во меѓувреме ќе назначи советодавен одбор и претседател, составен од угледни поранешни државници кои имаат искуство со Балканот или биле блиско поврзани со регионот во последните четири децении, велат од Комората.

ЗБ30 ќе изработува извештаи и ќе спроведува активности во поддршка на своите клучни тврдења, ставајќи акцент на потребата од итно делување. Ќе организира и учествува на конференции и настани каде ќе ги претставува своите аргументи. „ЗБ30“, согласно нивното укажување веќе има добиено првични изрази на поддршка од Атлантскиот совет, Глобсек (GLOBSEC), Карл Билт и лорд Џорџ Робертсон. Поддршка дополнително ќе се бара во текот на летото 2025 година.

– „ЗБ30“ верува дека поддршката од деловната заедница на Западен Балкан ќе претставува моќна потврда за идеите на ЗБ30 и ќе ја промовира потребата од динамичен, заемно корисен економски раст преку постојните граници, наведуваат од Стопанската комора.