Автомобил влета на карневал во Белгија – четворица загинати
Најмалку четири лица загинаа, а повеќе од 30 се повредени во сообраќајна несреќа на карневал во Стрепи-Бракени во јужна Белгија, јавува Асошиетед прес.
Според првите информации автомобилот во неделата утрото нешто пред 5 часот во неразјаснети околности со голема брзина влетал во толпата.
Локалните медиуми јавија дека е можно пред инцидентот да се води полициска потера. Меѓу загинатите има и едно дете, потврди Жак Гобер, градоначалник на соседниот град Лувиер.
„Немам зборови, ова е ужас. Дојдов набргу по катастрофата. Гледајќи тела расфрлани по патот… Незамисливо е ова да се случи овде, а еве, видете, се случи“, изјави шокираниот Гоберт.
Итната помош излегла на местото на настанот за да им помогне на повредените.
Стрепи-Бракени се наоѓа на околу 50 километри јужно од Брисел.