Австриски весник „Винер Цајтунг“ преживеа се, дали ќе го преживее Курц?


 Кога австрискиот весник „Винер Цајтунг“ го објави своето прво издание, просветителството допрва требаше да се случи во Европа, пронаоѓањето на парната машина беше еден век подалеку, а во политиката на континентот доминираше Французинот желен за моќ со прекар Кралот Сонце.

Весникот е основан во 1703 година и тврди дека е најстариот дневен весник во светот што се уште се објавува. Преживеа преку три века исполнети со војни, политички интриги и финансиски кризи.Но, дали ќе го преживее Себастијан Курц?

Тоа прашање се надвиснува над прославата на  318 –годишнината на весникот оваа недела, поради планот на владата на Курц со кој весникот ќе биде лишен од главниот извор за „прехранување“. „Винер Цајтунг“ е во целосна сопственост на владата и со децении служеше како официјален весник на Австрија. Според законот, отворањето работни места во владата и годишните финансиски резултати на компаниите мора да се објават во весникот. Ваквите реклами ја финансираа редакцијата преку генерирање на лавовски удел во приходите на весникот од околу 20 милиони евра годишно.Сега владата, повикувајќи се на правилата на ЕУ кои бараат дигитално ширење на корпоративните информации, планира да ја убие златната гуска на Винер Цајтунг до крајот на 2022 година.

„Винер цајтунг“ треба да стане дигиталната и транспарентна „огласна табла“ на републиката, рече Курц во април во писмениот одговор на прашањето на опозицијата за иднината на весникот.Неговиот одговор, кој сугерираше дека владата има намера да го претвори вековниот весник во еден вид службен портал, не е баш во релација со сонот на новинарите. Курц, исто така, рече дека владата ќе истражува дигитални модели за да ја зачува новинарската мисија на „Винер Цајтунг“, но не даде ветувања.

„Не е улогата на републиката да води и финансира дневен весник“, рече тој.

„Винер Цајтунг“ е основан како приватно претпријатие, но во 1857 година беше преземен од државата кога Хабсбуршката монархија, вознемирена од поддршката на весникот за либералните идеали од револуцијата во 1848 година, одби да ја обнови лиценцата на сопствениците.

„Весникот не случајно стигна во скутот на владата“, вели Валтер Хумерл, главен и одговорен уредник на „Винер Цајтунг“.

Првото издание на „Винер цајтунг се појави на 8 август 1703 година. Весникот вети дека ќе пишува за „се што е значајно“.Во август 1776 година, весникот објави, иако на втора страница, дека американските колонии во Велика Британија прогласиле независност.Објави и приказ на битката кај Ватерло во јуни 1815 година, при што дописникот забележува: „едвај имаше затвореници од двете страни“.

Хумерл е со весникот повеќе од 20 години. Тој се бори да го спаси дневниот весник – и неговата редакција од 60 луѓе – со доведување надворешен инвеститор посветен на зачувување на „Винер Цајтунг“, не само како бренд, туку како квалитетен весник. Тие дискусии се во тек и се ветувачки, но Хумерл пред се треба да го убеди Курц.

Иако медиумски упатениот канцелар сака да се претставува како шампион во новинарските идеали, неговата поддршка генерално е насочена кон медиумите што му прават добар имиџ. Во Австрија, тоа значи таблоиди, кои доминираат во издавачкиот пејзаж и се натпреваруваат да обезбедат покривање на канцеларот. „Винер Цајтунг“ е фокусиран на едуцирана читателска публика и има скромен тираж, така што не влијае на медиумската стратегија на Курц. Весникот во сопственост на владата не е особено критички настроен кон Курц, но исто така не ги исполнува неговите барања. Најдобрата шанса на весникот за краткорочен опстанок може да се поврзе со политичките напори на Курц.

Но, канцеларот сега е  под кривична истрага за лажно сведочење поради наводите (кои тој ги негира) за лажење во Парламентот. Тој се соочи со силни критики во последниве месеци за, како што многумина сметаат, обидите на владата да манипулира со медиумите, обидувајќи се да ги заплаши критичките новинари и да понуди финансиски награди, во форма на владино рекламирање, за да им се допадне на таблоидите.

Некои критичари гледаат почетоци на „орбанизација“ во австриската политика, инспирирана од начинот како си обезбедува поддршка премиерот Виктор Орбан во медиумите во соседна Унгарија. Ваквата критика го стресе Курц и го уништи неговиот углед во Европа. Затоа, спасувањето на најстариот весник во светот од исчезнување може да помогне во обновувањето на медиумската репутација на канцеларот.

Но, во самиот весник постои загриженост дека Курц наместо тоа може да го искористи „Винер Цајтунг“ – и неговиот силен бренд – за да го задоволи своите потреби во односите со јавноста. Една идеја што се разгледува е да се претвори во внатрешен владин центар за „производство на содржина“. Тоа  ќе нанесе удар за медиумскиот плурализам, но ќе одговара на канцеларот кој раководи со пи-ар тим од околу 80 луѓе и има изградено репутација за владеење со фото сесии и соопштенија до медиумите.

Австрија, земја со околу 9 милиони жители, има само 14 дневни весници и повеќето читатели гравитираат кон таблоидите. Најголем весник е „Кронен цајтунг“, таблоид кој достигнува 25 проценти од населението, што го прави најчитан дневно по глава на жител во Европа. Двата главни квалитетни дневни весници заедно, централно-десниот „Ди Прес“ и левоцентристичкиот „Дер Стандард“, достигнуваат нешто повеќе од 10 проценти од населението. Швајцарија, земја со слична големина како Австрија, има 44 дневни весници – само на германски јазик.

Релативниот недостаток на новинарски алтернативи во Австрија е причина  зошто многумина во земјата се убедени дека „Винер цајтунг“ треба да се зачува. Најдобар начин да му се даде нов живот, велат тие, е да се оттргне од директна владина контрола, истовремено обезбедувајќи го неговиот финансиски опстанок.

„Мислам дека Винер Цајтунг треба да се гледа како независен јавен медиум и да се финансира со одземање на милионите суми што владата им ги дава на таблоидите, а кои и онака не им се потребни“, рече Армин Тарнер, уредник и издавач на неделникот „Дер Фалтер“. „Би бил многу вреден проект за да се илустрира значењето на јавните медиуми, додаде тој.

Голем број истакнати австриски политичари, вклучувајќи го и поранешниот социјалдемократски канцелар Кристијан Керн и поранешни високи претставници од Народната партија на Курц, неодамна потпишаа отворено писмо во кое се бара да се спаси весникот.

„Секој глас што го губиме на пазарот на весници ја еродира разновидноста и плурализмот на медиумите во време кога новинарството засновано на факти, трезвено и независно квалитетно новинарство е поважно од кога било“, напишаа тие.

Седејќи во неговата канцеларија, која гледа на просторот на старата кланица во Виена, Хумерл одби да размислува за идејата дека може да биде последниот уредник на „Винер Цајтунг“.

„Ние бевме првите што ја отпечативме „Декларацијата за правата на човекот“ на германски јазик“, објасни тој, подвлекувајќи го датумот – 1789 година. „Страниците на Винер цајтунг се одраз на австриската историја“.(Политико)