Австриската влада ја ограничува цената на струјата за домаќинствата


 

Австриските домаќинства ќе ја плаќаат целата или поголемиот дел од потрошувачката на електрична енергија по фиксна стапка што ја одредува државата, објави владата во средата.
Коалицијата, составена од централно-десничарската Народна партија и Зелените, се согласи за ограничување на цената на струјата.

Се очекува оваа мерка да чини четири милијарди евра, а просечното домаќинство да плаќа околу 500 евра помалку за струја годишно.

Мерката, која сè уште треба да биде потврдена од парламентот, треба да биде во сила од декември до средината на 2024 година.

Нето цената на струјата ќе биде ограничена на 10 центи за киловат час до годишна потрошувачка од 2.900 киловат часови.

Со ова, тврдат од Владата, би се покриеле околу 80 отсто од потрошувачката на едно просечно домаќинство.

Дополнителна потрошувачка ќе треба да се плаќа по сегашната стапка, која моментално е 17 центи за киловат час.

Ограниченото ниво од 10 центи одговара на она што се наплаќаше пред скокот на цените поради нарушувања на пазарот на гас по руската инвазија на Украина.

Владата најави и дополнително намалување на цената на струјата за многудетните семејства и сиромашните.