Австријците сакаат Курц да си замине од политиката


Мнозинството од австриското население сака поранешниот канцелар Себастијан Курц, кој поднесе оставка поради обвинувањата за корупција на почетокот на октомври, целосно да се повлече од политиката.

Околу 65 отсто од Австријците велат дека Курц треба да ја напушти политичката сцена засекогаш, додека само 27 отсто сакаат тој да остане истакната фигура во австриската политика, покажува истражувањето на АПА и АТВ.

Иако Курц поднесе оставка од својата позиција како шеф на владата, тој сè уште има значителна моќ во неговата партија – конзервативната ОВП – бидејќи ги држи позициите на лидер на фракцијата во парламентот и лидер на партијата.

Новиот канцелар Александар Шаленберг во многу наврати изјави дека тесно ќе соработува со Курц. Во интервју за „Винер цајтунг“, тој исто така рече дека Курц ќе биде веројатниот водечки кандидат за ОВП на следните избори.

Сепак, со опаѓање на популарноста на Курц во анкетите, Шаленберг сега има најдобар рејтинг од сите конзервативни политичари, со 41% од Австријците кои велат дека го одобруваат неговото работење, наспроти 46% кои не го одобруваат.

Шаленберг успеа да го надмине и Курц по популарност меѓу конзервативните гласачи – 88% го одобруваат, а Курц има рејтинг од 71% меѓу гласачите на ОВП.

Во исто време Народната партија на Курц стрмоглаво паѓа во анкетите. Пред да избие корупцискиот скандал на почетокот од месецот ОВП имаше поддршка од 37,5 отсто, а сега таа падна на 26,3 проценти. Социјалдемократите го зголемија рејтингот од 21,2 на 24,5 проценти, а пораст доживува и крајната десница, која стигна до 20,1 отсто. Зелените, како помал партнер во владата исто така страдаат од корупциската афера на Курц – нивната поддршка падна на 11,1 од 13,9 проценти.