Австрија понуди третман на пациенти од Македонија

Австриската амбасада денеска соопшти дека во наредните денови земјата ќе испрати шатори, ќебиња, генератори за електрична енергија, душеци, постелнина за еднократна употреба и средства за хигиена како помош за Македонија за справување со пандемијата на Ковид-19. Таа помош ќе стигне преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ (Union Civil Protection Mechanism)
„Австрија сака да покаже и солидарност кога болничките капацитети се ограничени поради Ковид-19. Затоа Австрија ѝ понуди на Северна Македонија третман на пациенти во Австрија. Дури и во време кога пандемијата зема голем замав, болниците во Австрија остана отворени за пациенти за итни случаи од Северна Македонија“, стои во соопштението на амбасадата.
Австрија беше погодена од пандемијата Ковид-19 две и пол недели пред Македонија. „По претпоставка дека најлошото заврши, Австрија сега е во позиција да обезбеди итно потребени средства и добра за помош на Северна Македонија“, велат од амбасадата.
„Австрија ја поддржува Северна Македонија во оваа криза со конкретно потребни средства и добра“, изјави министерот за надворешни работи Александер Шаленберг во една прилика. Покрај најтешко погодените земји, приоритет на австриската помош и солидарност е насочена кон земјите од Западен Балкан. Шаленберг уште нагласува: „Корона вирусот нè става пред нови предизвици со коишто можеме само заеднички да се справиме. Исто така, продолжуваме да работиме заедно и да се залагаме, Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан наскоро да можат да го заземат своето место во ЕУ“.