Австралија ја ублажува целта за намалување на емисиите на стакленички гасови


Австралиските власти денеска поставија цел за 2035 година да се намалат емисиите на штетни гасови на 62 до 70 проценти од нивоата од 2005 година, и тоа е пониска цифра од првично препорачаната од националното тело за климатски промени.

ОН побараа од земјите да ги достават своите планови за климата, таканаречените Национално утврдени придонеси (НДЦ), до крајот на септември, за да можат да се проценат нивните напори пред самитот COP30 во ноември во Бразил.
Австралија е една од земјите со највисоки емисии на стакленички гасови по глава на жител, главно поради нејзината индустрија.

Поставената цел е пониска од опсегот од 65 до 75 проценти моделиран од Министерството за финансии, а првично предложен од Комисијата за климатски промени, независно тело кое ја советува владата за климатската политика.

-Целта мора да биде амбициозна и остварлива. Цел над 70 проценти не е остварлива, ние го избравме највисокото ниво на амбиција што е остварливо, рече министерот за климатски промени и енергија, Крис Бовен, на прес-конференција.

Австралискиот премиер Ентони Албанезе, исто така, најави пет милијарди австралиски долари (2,81 милијарди евра) за помош на индустриските постројки во процесот на декарбонизација, како и две милијарди австралиски долари за државната Финансиска корпорација за чиста енергија, со цел намалување на цените на електричната енергија.

-Ние не сме најголемиот загадувач ниту најголемата економија, но нашата посветеност на борбата против климатските промени е важна. Тоа е важно за нашите соседи, за нашата економија и е важно за земјата што ќе им ја оставиме на нашите деца, рече Албанезе.

Од климатските цели доставени до ОН, Обединетото Кралство се издвои со најамбициозната цел – намалување на емисиите за 78 проценти во споредба со нивото од 2005 година.