Асошиетед прес бара независна истрага за бомбардирањето на нејзиното биро во Газа


Како беше урната зградата каде беа сместени АП и Ал Џезира

Државниот секретар Ентони Блинкен изјави дека не видел израелски доказ дека Хамас работи во зградата на канцеларијата на АП во Газа

 

Извршниот уредник на Асошиетед прес сака независна истрага за бомбашкиот напад на Израел врз зграда во Газа, во која се наоѓала нејзината новинска организација, како и радиодифузерот Ал Џезира.

Сали Базби изјави дека нејзината организација сè уште не видела докази од израелски официјални лица за да го оправда бомбардирањето, што ја срамни со земја 12-катната зграда.

Израелските власти соопштија дека го извршиле ударот затоа што Хамас управувал разузнавачка ќелија од таа деловна зграда.

„Слушнавме како Израелците велат дека имаат докази“, рече таа во неделата за програмата „Сигурни извори“ на Си-Ен-Ен. „Не знаеме кои се тие докази. Сметаме дека е соодветно во овој момент да има независен поглед на она што се случило“.

Израелците им дадоа предупредување на цивилите во зградата, дозволувајќи им да излезат пред ракетите да ја уништат структурата.

Говорејќи во неделата на програмата „Face the Nation“ на Си-Би-Ес, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека имало „разузнавачка канцеларија за палестинската терористичка организација сместена во таа зграда што планира и организира терористички напади против израелски цивили, па затоа е совршено легитимна цел“.

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, рече дека не видел израелски доказ дека Хамас работи во зградата на канцеларијата на АП во Газа. Бликен вели дека побарал од Израел оправдување за ударот.

Блинкен зборуваше на прес-конференција во Копенхаген, Данска, додека се зголемува притисокот врз администрацијата на Бајден да побара прекин на огнот во израелско-палестинскиот конфликт.

„Наскоро по ударот побаравме дополнителни детали во врска со оправданоста за тоа“, рече Блинкен. Тој одби да разговара за специфичните разузнавачки информации, велејќи дека „ќе им остави на другите да опишат дали е споделена каква било информација и нашата проценка на тие информации“.

Базби за Си-Ен-Ен изјави дека иако нејзините новинари не биле повредени и сега работат надвор од канцелариите на Агенцијата Франс прес во Газа, нападот уништил критичен јазол за собирање вести надвор од територијата.

„Ние не заземаме страна во конфликтот“, рече таа. „Но, ние сме посветени во она што веруваме и да го заштитиме правото на светот да знае што се случува во овој конфликт или каков било конфликт. Ова е важна приказна и поради акциите вчера светот ќе знае помалку“.

Во саботата Блинкен разговараше со претседателот на АП, Гери Пруит и ја понуди неговата „непоколеблива поддршка за независни новинари и медиумски организации ширум светот“, рече портпаролот на Стејт департментот во изјавата. (Ројтерс)