Асистентка на италијански европратеник уапсена за злосторничко здружување, перење пари и корупција


Брисел – По налог за апсење издаден од страна на Федералното јавно обвинителство на Белгија, италијанските власти ја уапсија Лусија Симеоне, асистентка на европратеникот Фулвио Мартусиело, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Според информации од Обвинителството, Симеоне се товари за „злосторничко здружување“, „перење пари“ и за „корупција“ и е предвидено да биде сослушана утре.  

Мартусиело, кој е член на партијата Форца Италија (ФИ) и на Пратеничката група на Европската народна партија (ЕПП), како и неговиот сонародник и поранешен либерален европратеник Џузепе Ферандино, се осомничени за фалсификување потписи на барања за пратенички надоместоци, при што меѓусебно соработувале „за да ги максимизираат трошоците“. Мартусиело е европратеник од 2014 година, а Ферандино беше член на ЕП од 2018 до 2024 година. 

Портпарол на белгиското Јавно обвинителство информира дека апсењето на Симеоне е во рамки на „истрагата за прелиминарните наводи за корупција, фалсификување документи и перење пари во Европскиот парламент“. Според него, наводните неправилности биле вршени „редовно и многу дискретно од 2021 година, до денес, под маската на комерцијално лобирање“.  

Името на шефот на Симеоне, Мартусиело се поврзува и со португалски адвокат и лобист, уапсен минатата недела во Франција, во рамки на истрага на белгиското Јавно обвинителство за сомнеж дека лобисти на кинеската компанија „Хуавеј“ подмитиле околу 15 европратеници. Во рамки на истрагата, по налог на Обвинителството, минатиот четврток беа извршени претреси на 21 локација во Белгија, како и во Португалија. 

По минатонеделните претреси, белгиската полиција времено запечати две канцеларии – едната на Марко Фалконе, сонародник и сопартиец на Мартусиело, а втората на Адам Мухтар, кој изминативе години беше асистент на различни европратеници. 

По „отпечатувањето“ на неговата канцеларија во понеделникот, Фалконе, кој е европратеник од  минатата година, изјави дека тој и неговите асистенти немаат „никаква врска со истрагата за „Хуавеј““, посочувајќи дека размислува за преземање „правни мерки за навреда на неговиот углед со последните случувања“. 

Досега, во рамките на истрагата на белгиското Обвинителство се уапсени на четворица лобисти поврзани со „Хуавеј“, кои се осомничени дека подмитувале поранешни и актуелни европратеници со цел да ги промовираат интересите на кинеската компанија во Европа.