Арсовска предлага создавање на комунална полиција
Град Скопје денеска доставил Предлог Закон за комунална полиција до Собранието и Владата, затоа што, како што вели градоначалничката Данела Арсовска, во пресрет на месеците кога континуирано се бележи зголемено загадување, комуналната полиција треба да претставува системски механизам во борбата против загадувањето и да придонесе за воведување комунален ред во Скопје.
-Создавањето диви депонии, фрлањето комунален отпад на недозволени места, палењето контејнери, гуми и отпад, нарушувањето на комуналниот ред се предизвици со кои Градот Скопје секојдневно се соочува. Континуирано ги преземаме сите мерки од наша надлежност за санкционирање на сторителите, а нашата цел е да воведеме ред и на граѓаните да им го овозможиме тоа што е најважно, да живеат во чиста и здрава животна средина. Од тоа нема да отстапиме и токму поради тоа сметаме дека донесувањето на Закон за комунална полиција на градот Скопје е од исклучителна важност за поефикасно и побрзо справување со загадувачите на терен.
Затоа повикуваме да се прифати ова системско решение, строго регулирано со Закон, за доброто на граѓаните како во останатите главни градови во регионот како Белград, Тирана и Подгорица, но и во многу градови низ Европа. Искуствата и придобивките се многубројни и позитивни особено за справување со оние кои континуирано се обидуваат да ги изиграат законите – објаснува Арсовска.
Градоначалничката вели дека според сознанијата на Град Скопје, во програмата на Владата која се однесува на животната средина и проектите за реализација од 2020 до 2024 година, објавена е програмска заложба дека во овој период треба да се изработи и донесе Закон за комунална полиција, затоа со овој предлог закон по примерот на останатите метрополи во регионот, ги повикуваат Собранието и Владата да го разгледаат, поддржат и донесат во најкраток можен рок.
Градот Скопје смета дека согласно овој закон овластените лица треба да бидат посебно обучени, постојано на терен, секојдневно вршејќи надзор и санкционирање на прекршителите во однос на управувањето со отпад и загадувањето на животната средина.Со тоа значајно ќе се придонесе за почитување на комуналниот ред во градот, а обидите за загадување и фрлање шут по градските улици и општини трајно ќе се превенираат, смета Арсовска.