Арсовска: Мицкоски да каже како ќе функционира „Комунална хигиена“ без директор
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, го повика премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да каже на кој начин ќе функционира Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ во наредните денови откако в.д. директорот Сабахудин Рустеми доби 30-дневен притвор поради состојбите со сметот во главниот град.
Таа го обвини Мицкоски дека лично го наредил ваквиот хаос и му порача да го повика Управниот одбор на „Комунална хигиена“ за да именува нов в.д. директор на претпријатието.
„Го повикуваме премиерот Мицкоски, кој има своја претседателка на Управен одбор од ВМРО која воедно е и осуден криминалец за 2 кривични дела во 2006 и 2022 година, да го повика Управниот одбор на „Комунална хигиена“ согласно член 24а став 2 од Законот за јавни претпријатија во случај да донесе одлука за разрешување на директорот и согласно став 3 од истиот член да именува вршител на должност на претпријатието“, порача Арсовска.
Градоначалничката обвини дека Мицкоски ги злоупотребува институциите и го тероризира Скопје преку, како што рече, свото режимско и диктаторско владеење преку Управниот одбор на „Комунална хигиена“.
Арсовска дополнително прашува и дали Мицкоски дал наредба за апсење на директорот на тетовското комунално претпријатие, како што тоа го сторил со директорот на „Комунална хигиена“ Скопје, откако деновиве беа споделени видеа на кои се гледаше дека по Вардар пловат безброј пластични шишиња.
„Дали е приведен директорот на Јавното комунално претпријатие „Тетово“ за екохаваријата што ја предизвика со отпадот во Вардар и зошто не? Дали е приведен директорот на Јавното комунално претпријатие ‘Гази Баба’ за екохаваријата што ја предизвика во Јурумлери со отпадот кој го фрла среде природа со општински камиони и зошто не? Дали е приведен директорот на JП „Чистота и зеленило“ Куманово за екохаваријата што ја предизвикува со отпадот низ Куманово и зошто не? Или таму режимскиот диктатор Мицкоски не дал наредба да се апси?“, пишува Арсовска на Фејсбук.
Претходно вчера, адвокатот на в.д. директорот на „Комунална хигиена“ објави дека Сабахудин Рустеми поднел оставка од прв човек на јавното комунално претпријатие поради морални причини. Потегот уследи откако ОЈО Скопје побара, а Судот му определи 30-дневен притовор поради состојбите во главниот град и сомнение за сторено кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад.
Притворениот директор на „Комунална хигиена“ поднесе оставка