Арон Картер случајно се удавил во када поради опијати


Лос Анџелес– Пејачот и рапер Арон Картер случајно се удавил во када поради седативи што ги земал и гас користен во спрејовите за чистење што ги вдишувал, се вели во извештајот на патологот објавен денеска.

Картер, кој имаше 34 години, беше пронајден мртов во кадата на неговиот дом во Ланкастер, Калифорнија, на 5 ноември. Во извештајот од обдукцијата се вели дека седативот алпразолам, кој често се продава под брендот Xanax, бил пронајден во неговиот систем, како и компримиран гас дифлуороетан, за кој се вели дека најчесто се користи во средствата за чистење со спреј и „може да предизвика седација“ и еуфорија при вдишување. “.
Се додава дека тие две супстанци го онеспособиле, поради што се удавил во кадата, пренесува Гардијан.

Еден ден по смртта на Картер беше извршена обдукција, но резултатите не беа веднаш објавени поради токсиколошките тестови, кои често траат со месеци.

Арон Картер, помладиот брат на Ник Картер од Бекстрит Бојс, беше детска ѕвезда и глобална поп сензација. Својот деби албум го издаде на деветгодишна возраст.

Неговиот втор албум беше објавен во 2000 година и стана тројно платинест. Неговите односи со семејството се влошија со текот на годините, а во 2013 година тој поднесе барање за стечај. Неколку пати одеше на рехабилитација.