Армин Лашет се смееше во поплавениот град, па му падна поддршката во анкетите
Кандидатот на конзервативците за канцелар рече дека смеењето било „глупаво“
Конзервативниот кандидат на Германија за наследник на Ангела Меркел како канцелар се извини во неделата за смеата при посетата на поплавен град минатата недела, гаф што го погоди неговиот рејтинг два месеци пред федералните избори
Конзервативниот блок на Армин Лашет е на околу 10 поени пред Зелените во повеќето анкети, но неговиот пропуст минатиот викенд во Ерфштат, кога го фатија камерите како се смее на шега додека претседателот на земјата држеше сочувствителен говор, го чинеше многу.
„Беше глупаво и не требаше да се случи и жалам за тоа“, изјави тој за телевизијата ЗДФ. „Жалам, не можам да кажам многу повеќе“.
Инцидентот предизвика бура на Твитер под хаштагот „laschetlacht“ (Лашет се смее). Анкета на ИНСА во неделата покажа дека 57% од Германците ги сметаат за негативни постапките на Лашет во катастрофалните поплави, во кои загинаа најмалку 180 лица.
На директно гласање за канцелар, Лашет би добил само 15 отсто, што е за пет поени помалку од минатата недела, во споредба со 21% за неговиот ривал од социјалдемократите, Олаф Шолц, покажа анкетата.
Во широко интервју за телевизијата ЗДФ, Лашет рече дека е решен да ја смени кампањата за изборите на 26 септември кон прашања како што се економијата и климатските промени.
„Разбирливо е дека анкетите ќе флуктуираат во тешка недела, но во следните неколку недели сакам да ја обликувам дискусијата за прашањата“, рече тој за ЗДФ.
Омекнувајќи ги разликите со неговиот баварски конзервативен ривал, Маркус Зодер, кој се залага за поамбициозни климатски цели, Лашет рече дека верува оти Германија ќе го укине јагленот пред целниот датум 2038 година.
„Треба да се држиме до планот. Но, мислам дека ќе излеземе побрзо отколку што сите мислиме заради цените на СО2“, рече тој.
Појаснувајќи дека неговиот приоритет не е намалување на даноците, Лашет рече дека конзервативците сакаат стабилни државни финансии и дека ветувањето намалувањето не е „сериозно“.
Велејќи дека се потребни големи инвестиции за најголемата европска економија да се опорави од кризата со Ковид-19, тој посочи дека Германија е обврзана со строги правила за ограничување на новиот долг, запишани во уставот. (Ројтерс)