Армијата се збогати со нова опрема преку Европскиот мировен фонд


Радари, термални камери, транспортни возила, симулатори, 3Д-радар и преносни сензори, беа презентирани денеска во касарната „Илинден” во Скопје, набавена за армијата.

На презентацијата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

 

Новата опрема армијата ја доби преку Европскиот мировен фонд, со финансиска поддршка од Европската Унија во вредност од над 40 милиони евра.

Испораката е поделена во три фази, при што во земјава веќе се пристигнати првиот пакет и дел од вториот.

Меѓу набавената опрема се радари, термални камери, транспортни возила, симулатори, 3Д-радар и преносни сензори, додека во последната фаза се очекува испорака на логистичка, комуникациска и пешадиска опрема.

– Сакам да ја искористам оваа прилика да ја истакнам работата на началникот на Генералштабот и да се заблагодарам на неговата неуморна работа и посветеност, за да може нашата Армија да изгледа вака како што изгледа, да биде конкурентна, да биде подготвена. Сведочевте на прекрасна вежба. На сите оние старешини коишто се дел од Генералштабот, дел од единиците, и се разбира, најголема благодарност до луѓето, до војниците, коишто сето ова кое што денеска го видовте, го извршија беспрекорно – порача премиерот Мицкоски.

Потенцира дека остануваат посветени да ги исполнат сите барања од страна на НАТО Алијансата. 

– Пред неколку дена, во посета кај нас беше главниот командант на вооружените сили на НАТО за Европа, господинот Гринкевич, којшто јасно кажа дека сите инфраструктурни проекти коишто во моментот ги движиме, вклучително и средствата коишто ги одвојуваме, претставуваат пример за многу земји членки на НАТО и тие, во нашиот случај, достигнуваат и до четири проценти, што навистина за нас претставува една цел која што ќе се обидеме, во годините коишто следат, да ја одржиме – додаде Мицкоски.

Според него, четири проценти од бруто-домашниот производ, имајќи предвид дека номиналниот бруто- домашен производ во последно време расте со стапка од осум проценти и повеќе, ќе претставува предизвик.