Арапска жена доби бубрег од Евреин кој загина во немирите во Израел


Ранда Авеис (58), Арапка од Ерусалим се опоравува по трансплантацијата на бубрегот добиен од Јигал Јехошуа, кој беше убиен од арапските бунтовници за време на безредијата во градот Лод

Бубрег од Евреин убиен од арапски бунтовници за време на големите безредија во мешаните еврејско-арапски градови е дониран на една Арапка во медицинскиот центар „Хадаса“ во Ерусалим.

На Ранда Авеис (58) итно ѝ требаше нов бубрег, а како донатор беше регистриран 56-годишниот Јигал Јехошуа, кој почина во понеделникот една недела откако беше удрен со камења во градот Лод.

Авеис, христијанка од Ерусалим, успешно закрепнува по трансплантацијата и разговараше со сопругата на донаторот за да ѝ се заблагодари. „Сега сме како семејство“, рече таа, пофалувајќи го „благородното дело“.

Нејзината ќерка Нивеин за „Тајмс оф Израел“ во четвртокот изјави дека добро закрепнува и се радува на полесен живот сега кога ја доби трансплантацијата.

„Ние сме многу благодарни на семејството Јехошуа“, рече таа. „Чувствуваме, одеднаш, радост за трансплантацијата на мама а во исто време и болка за нивната трагедија “.

Таа ги повика луѓето да ја прифатат едноставна порака од приказната за трансплантацијата.

„Не постои такво нешто како Арапи и Евреи“, рече таа. „Наместо тоа, ние сме само луѓе и треба да живееме заедно“.

Нејзиното семејство се надева дека ќе се сретне со семејството Јехошуа.

Авеис за вестите на телевизијата Канал 12 изјави дека мислела дека станува збор за шега кога добила повик, по долго чекање, во кој се велеше дека има подготвено нов бубрег за трансплантација.

„Овој еврејски бубрег сега стана дел од мене“, рече таа, изразувајќи сочувство до семејството на Јехошуа и изјавувајќи дека сака „мир меѓу Евреите и Арапите“.

Во четвртокот, д-р Абед Халаила, раководител на одделот за трансплантација во Хадасах, ја посети Авеис и ја нарече приказната за нејзиниот нов орган симбол на надеж.

„Само што видовме жена како доби нов орган и нов живот и сакам да му кажам голема благодарност на семејството на донаторот“, рече тој и додаде: „Се надевам дека ќе има мир и спокој за сите нас и многу добро здравје“.

Другиот бубрег на Јехошуа отишол кај Евреин, Ицик Ходера (67), а неговиот црн дроб е кај еврејски 22-годишник. (Тајмс оф Израел)