Апликацијата „CommonPass“ сега е целосно функционална и достапна за граѓаните


Апликацијата „CommonPass“, која има за цел да овозможи приказ на Ковид-19 статусот на секој корисник сега е целосно функционална и достапна за граѓаните на Северна Македонија. Со тоа се овозможува корисниците електронски да ги документираат своите здравствени податоци поврзани со Ковид-19 во контекст на примена вакцина и/или резултат на Kовид-19 тест, од сертифицирани и акредитирани институции и на таков начин да се легитимираат на сите места каде е тоа потребно, во државата и надвор од неа, соопштија од компанијата „Сорсикс“.
„CommonPass“ апликацијата функционира со користење на податоци од дигиталната здравствена картичка „SMART Health Card“, која ја развија неколку светски реномирани компании како „Мајкрософт“ (Microsoft), „Оракл“ (Oracle), клиниката „Мајо“ (Mayo Clinic) и голем број други компании, од различни индустрии, со единствена цел – да се овозможи поедноставен пристап и потврда за здравствениот статус на секој корисник, на точен и доверлив начин.
Северна Македонија е единствена земја од Европа која ја користи апликацијата „CommonPass“, посочуваат од „Сорсикс“. Самата апликација, ги третира личните податоци на граѓаните со највисоко ниво на доверливост, водејќи се по најновите светски регулативи за заштита на личните податоци.

„Нашата компанија ‘Сорсикс’, во рамки на статусот Партнер на „CommonPass“ за Северна Македонија има права за технолошката и административна поддршка за апликацијата на ниво на нејзини јазични адаптации, одржување и техничка поддршка за локалните корисници“, се вели во соопштението до медиумите.

Секој заинтересиран корисник, преку апликацијата „CommonPass“, може да генерира дигитална здравствена картичка преку скенирање на QR кодот од личниот сертификат за вакцинација или направен тест. На таков начин на корисникот му е овозможено, преку мобилен уред, на едноставен и веродостоен начин да го прикаже сопствениот вакцинален или тест статус за различни намени – при влегување во ресторани, барови, трговски центри, премин на гранични премини – секаде каде што е неопходен доказ за вакцинација или негативен Ковид-19 тест. Заинтересираните можат да ја преземат апликацијата преку „Google Play“ за Android уреди или преку „Apple Store“ за Apple уреди.