Апетит


ЛЕЈЛА САБИТ

 

Кога сте мали или болни, го немате.

Со годините, функциите и популарноста, сe повеќе расте и тешко да го изгубите.

Апетитот за храна, пари и моќ.

Да имаш апетит, некогаш беше прашање на добро здравје.

Сега ако имаш апетит, можеш да го изгубиш здравјето, а и животот.

Може да ти се одрази на ставата, работното место, на врската или на кариерата.

Дојде време да внимате колку, што, со кого и каде јадете и пиете на своја или на туѓа сметка.

Конкуренцијата е голема.

Убави и вити жени ве демнат во соседството и во Холивуд, кој стигне го менува полот, секој води политика, а и на децата им се отвори апетитот.

Ниту ајварот, лутеницата и пинџурот веќе не се апетитки.

Ги патентираа странци, а ние уште се расправаме дали се повкусни домашни или купени во самопослуга.

Есента се насетува во земјата.

Со времето, со политиката, со стандардот, топлата гардероба, по мирисот и димот од дворовите и полни пазари.

Атмосферскиот и другите притисоци варираат, постојано ве боли глава, не се дише од заштитни маски, од старо-нови озборувања и старо-нови главни фаци.

Скопје заради Ковид-19 живее, работи и учи онлајн.

Место да се дружиме, се отуѓуваме.

Место да уживаме во сегашноста, се плашиме за иднината.

Никој не збори за Нова година, сите зборат за локални избори.

Имате ли уште апетит?

Како што велат старите-кој за што учел, го фатиле или му нашле докази.

Некој ќе пече ајвар, некој ќе се пече во фотеља, некој во затвор, некој ќе се спрема за кафе во регионот, а некој ќе чека да помине есента.

Зимата е нова приказна!