Апасиев кон Мицкоски: Ем ги фалите министрите, ем ги разрешувате!
Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, ја нарече владината реконструкција како признание за неуспехот на премиерот Христијан Мицкоски – стерилна претстава со нови министри, зад која продолжуваат старите политики, коалициските пазари и лажниот сјај на власта.
„Ем ги фалите луѓево што ги разрешувате, ем ги разрешувате. Јас не можам да ве сфатам. Мислам дека доволен шамар беше тоа што едвај 62 пратеника ви го гласаа дневниот ред. И тоа што менувате повеќе од една третина од тимот ви кажува повеќе дека е до селекторот, отколку до тимот.
Вие градите Потемкинови села. Тоа е една измамничка фасада на вашата политика, еден лажен сјај, еден привиден успех. Ќе ви демонстрирам со пример: одите во скафандер со доктори, отворате сала и дознаваме дека четири месеци по сечењето лента операционата сала уште не работи. Тоа е дефиниција за Потемкин. Ветувате просперитет – носите банкрот“, ја опиша Апасиев владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.