Анѓушев: Морталитетот кај фирмите по пандемијата ќе биде голем, спасот е во нови инвестиции


Сопственикот на компанијата „Брако“ и поранешен вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев, смета дека по завршување на пандемијата многу фирми може да стават клуч на врата. Според него излезот е во инвестиции и освојувањето нови пазари.

„Најлоша и најтрагична е загубата на човечките животи. Но, ако морталитетот кај луѓето поради пандемијата е 0,5, еден или два отсто, се мери со неколку проценти, во зависност со која база се споредува, што повторувам е наголема трагедија, во економијата морталитетот на фирмите ќе почне од поголеми проценти“, изјави Анѓушев во за Утрински брифинг на Слободна ТВ.

Тој смета дека кога сето ова ќе заврши, светот нема повеќе нема да биде ист.

„Ќе може да останат тие што се најинвентивни, тие кои што имаат идеа како тоа да го направат, тие кои што агресивно ќе настапуваат на пазарот. После секоја криза е потребна стратегија како да се излезе од таа криза. Ако земете наназад како се излегувало од сите кризи, тоа е да се направат големи инвестиции, да се оди храбро, да се освојуваат пазари, и тогаш треба храбро да се инвестира“, истакна Анѓушев.
Тој додаде дека во „Брако“ решиле да не се предаваат, туку да се борат и да инвестираат, а тоа треба и во целата економија.

„Ние во моментов инвестираме над 8 милиони евра, дел наши, дел банкарски пари. Практично потребен е нов Маршалов план, како што тоа беше по Втората светска војна. Но, сегашниот Маршалов план треба да биде насочен кон индустријата, кон инвестиции, капитални вложувања, значи во инвестиции во јавен сектор, во патишта, железници… Сето тоа да се интензивира, за да се раздвижат парите, да се пуштат во оптек и така да има закрепнување, обнова од ситуацијата во која што се наоѓа целиот свет, а не само Македонија“, вели Анѓушев.
Инаку , компанијата „Брако“ денеска ја промовира првата во Европа еколошка машина за одржување на хигиена во урбани средини под брендот „Грин машинс“ ГМ500Х2 која работи на водород. Станува збор за еколошко возило за чистење кое испушта само вода, а не и издувни гасови.